Говорот на Светиот Отец пред и по молитвата Ангел Господов во неделата на 21 јули 2019 година.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Во делот кој се чита оваа недела евангелистот Лука проповеда за посетата на Исус на домот на Марта и Марија сестри на Лазар (Лк 10, 38-42). Тие Го примат во својот дом, а Марија седи до неговите нозе и Го слуша; го остава тоа што го работела за да биде блиску до Исус: не сака да испушти ниту еден од неговите зборови. Сѐ мора да се остави на страна, затоа што кога Тој доаѓа да нѐ посети во нашиот живот Неговото присуство и Неговиот збор имаат предност пред сите други. Господ секогаш нѐ изненадува: кога навистина ќе започнеме да го слушаме, облаците исчезнуваат, сомнежите отстапуваат место на вистината, стравовите на спокојството, а различните животни ситуации го наоѓаат своето вистинско место. Господ секогаш кога доаѓа ги става работите во ред, па и нас самите.
Во оваа сцена – Марија од Витанија до нозете на Исус – свети Лука го покажува молитвениот став на верникот кој знае да остане во присуството на Учителот за да Го слуша и да го усогласи својот живот со Него. Станува збр за тоа да се земе одмор во текот на денот за потоа да се собереме во тишина неколку минути за да Му дадеме простор на Господ Кој „поминува“ и да пронајдеме храброст малку да бидеме насамо со него за потоа да се вратиме со ведрина и плодност на секојдневните работи. Фалејќи го однесувањето на Марија која „го избрала подобриот дел“ Исус како на секој од нас да му повторува: „Не дозволувај целосно да те обземат работите кои треба да ги извршиш, туку слушај го пред сѐ Господовиот глас за добро да ја извршиш задачата која животот ја става пред тебе.“
Овде е и другата сестра Марта. Свети Лука вели дека таа „го примила во својот дом“ (ред 38) Можеби Марта била постара од двете сестри не знаеме но таа жена сигурно ја имала харизмата на гостопримството. Имено, додека Марија Го слушала на Исус таа целосно била преокупирана со многу работи. Затоа Исус ѝ вели: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. (ред 41) Со тие зборови Он сигурно нема намера да го осуди ставот на служење, туку вознемиреноста со која понекогаш тоа служење се извршува. И ние ја делиме загриженоста на света Марта и преку нејзиниот пример се трудиме во нашите семејства и во нашите заедници да се живее чувството на прифаќање, братство за секој да може да се чувствува „како дома“ посебно малите и сиромашните кога ќе чукнат на вратата.
Денешното Евангелие нѐ потсетува дека мудроста на срцето се крие токму во тоа да знаеме да ги здружиме двете: контемплацијата и делувањето. Марта и Марија ни го покажуваат патот. Ако сакаме радосно да уживаме во животот мора да ги поврземе тие два става: од една страна да бидеме до нозете Исусови, да Го слушаме додека ни ја открива тајната за сѐ, од друга страна да бидеме грижливи и подготвени за гостопримство, кога Он поминува и чука на нашата врата со лицето на пријател на кој му треба момент на освежување и братство. Ни треба тоа гостопримство.
Нека Пресвета Марија, Мајка на Црквата ни даде милост да Го љубиме и да Му служиме на Бог и на нашите браќа со рацете на Марта и со срцето на Марија, така секогаш слушајќи Го Христос да можеме да бидеме градители на мирот и надежта. И тоа е интересно: со тие два става ние ќе бидеме градители на мирот и надежта.
Драги браќа и сестри,
Вчера се навршија точно педесет години кога човекот стапна на месечината остварувајќи еден чудесен сон. Нека сеќавањето на тој голем чекор за човештвото ја запали желбата заедно да напредуваме кон уште поголеми цели: за повеќе достоинство за слабите, повеќе правда меѓу народите, повеќе иднина за нашиот заеднички дом.
Ватикан њуз/к.мк