Свети Архангел Михаил

Свети Архангел Михаил

По воскресението на Исус Христос започнаа последните времиња, времињата на исчекување на второто Христово доаѓање во „долината на солзите“ кои не ги поминуваме сами, како што многумина тоа го мислат, туку во придружба на небесната војска. Заповедникот на небесната војска е свети Михаил, ангел кој во Библијата се спомнува неколку пати. Архангел, односно еден од тројцата највозвишени ангели, кои според Откровението води важна битка со Змевот и неговата војска, на небото.

„И настана војна на небото; Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но не устојаа, и за нив веќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змев – старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборен на земјата, и заедно со него и ангелите негови беа исфрлени“ (Откр 12, 7-9).

Затоа верниците кои се наоѓаат во неволја, во духовни и телесни борби честопати со молитва му се обраќаат токму на овој небесен војсководач! Станува збор за моќниот ангел чие име – Михаил – значи ‘Кој е како Бог’.

Според учењето на Католичката црква, тој е борец, молител и придружник… Молитвата до свети Михаил се користи како заштита од злите духови како и во борбата против сите други духовни слабости и искушенија со што ни укажува дека свети Михаил е моќно оружје за последните времиња кои се при крај, очигледно според количината на злото во светот.

Иако многумина мислат дека Михаил е само ‘митско суштество’ Католичката црква ги евидентира и ги признава објавувањата на свети Михаил. Најпознато објавување е она на гората Гаргано, кое го носи и името – Гората свети Ангел. Во преубавата пештера, во југоисточна Италија длабоко во земјата, во подножјето на гората Гаргано свети Михаил до сега се објавил четири пати: 490 г., 492., 493. и 1656 година.

Ова место особено го сакал Падре Пио кој за својот живот многу често ја посетувал пештерата на свети Михаил, како и многу други светци, папи и кралеви заедно со многубројни верници кои и ден денес ја посетуваат оваа мистична пештера исполнета со стравопочит кон Бог и светоста. Станува збор за пештера во која сите молитви ќе бидат услишени.

После објавувањата и помошта на жителите од ова место низ историјата, ангелот Михаил станал заштита и застапување на голем број луѓе на земајта.

Прво објавување – место на кое молитвите се услишуваат

8 мај 490 година

Во 490 година по Христос, Гаргано бил суров и див крај, а луѓето сѐ уште биле длабоко навлезени во паганизмот (можно е токму во светата пештера да се славел култот на богот Калкант). Во тоа време се раширил глас за еден чудесен настан: голем бик, кој се оддалечил од своето стадото пасејќи по тие непроодни места и се изгубил, по три дена бил пронајден како клечи пред отворот на една голема пештера. Гневниот сопственик сакал бикот да го убие со стрела, но стрелата на чуден начин го променила правецот и го ранила стрелецот. Веста за овој несекојдневен настан стигнала до локалниот епископ Лоренцо Мајоран, кој по три дена постење и молење бил почестен со првото објавување на Архангелот: „ЈАС СУМ ВО БОЖЈО ПРИСУСТВО… ЈАС ЈА ИЗБРАВ ПЕШТЕРАТА И ТАА МЕНЕ МИ Е СВЕТА… ВО НЕА ЌЕ СЕ ПРОСТУВААТ ГРЕВОВИТЕ И ЌЕ СЕ ДОБИВА СЀ ШТО ЌЕ СЕ БАРА СО МОЛИТВА…“ Така настанало првото „ангелско“ светилиште на Западот. После овој настан се случиле и други не помалку важни настани, а светлото на светиот Михаил засјаел и на други места како во светилиштето Вал ди Суза и на полуостровот Монт Сент Мишел во Нормандија.

Второ објавување – ги истерал варварите од Гаргано

12 септември 492 година

И Архангелот, новиот жител на Гаргано, наскоро ја покажал сета своја моќ. Две години подоцна, бидејќи Сипонт бил опседнат од варвари, епископот Лоренцо повторно се обратил до небесниот дух кој во второто објавување му ветил заштита и победа. А тоа се случило вака: потпомогната со земјотреси и молњи врз окупаторите, војската на Сипонт ги натерала варварите да побегнат. Жителите на Сипонт во знак на благодарност до свети Михаил отишле до Гаргано, но поради страв не се осмелиле да влезат во пештерата, туку застанале на влезот од светото место. Не се осмелиле да влезаат во таа голема мистериозна пештера.

Трето објавување – секој камен од пештерата на Гаргано бил посветен од неговото присуство

29 септември 493 година

Поминало уште една година, а епископот сѐ уште не се одлучил конечно да го премине прагот на чудесната пештера и да ја посвети, како што му било наредено уште од неговиот прв разговор со небесниот дух. Архангелот повторно му се објавил повикувајќи го да влезе внатре заедно со сите епископи од Пуља каде што ќе ги славаат Божјите Свети Тајни, но без да го посветуваат местото, бидејќи тој веќе го посветил со својата рака. Овој пат Лоренцо го послушал архангелот и кога влегол во пештерата, имало веќе приготвен олтар покриен со црвено платно и со кристален крст, како што и самиот архангел Михаил му кажал. Отпечаток од стапало на дете втиснат на карпестиот камен давал видлив доказ за присуството на Архангелот. Лоренцо дозволил да се изгради црква на влезот од пештерата и ја посветил. Така настанал единственото светилиште, во кое олтарот никогаш немал посветен камен БИДЕЈЌИ СЕКОЈ КАМЕН НА ОВАА МЕСТО Е СВЕТО, а двата датуми поврзани со првото и третото објавување станале празници признати од светата Црква како Објавување на свети Михаил во Гаргано и Посветување на една стара базилика во Рим на улицата Саларија, изградена во негова чест.

Четврто објавување – чумата ја уништила Италија, само Гаргано останал заштитен

22 септември 1656 година

Во 1656 година се случил еден настан во времето кога чумата земала жртви низ цела Италија. Архиепископот од Сипонт, Алфонсо Пучинели уште еднаш побарал помош од свети Михаил. Тој се објавил утрото на 22 септември, токму во моментот кога архиепископот се наоѓал во архиепископијата на Гората Свети Ангел: Јас сум Архангел Михаил… Секој оној кој ќе употребува камен од мојата пештера, од тебе благословен и со врежан крст и моето име, ќе биде ослободен од чумата. И така се случило.

Дневно/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот