Свети великомаченик Димитриј

Свети великомаченик Димитриј

Свети Димитриј е роден во македонскиот град Солун, каде што неговиот татко бил началник и потаен христијанин. Неговите побожни родители, го воспитувале својот син во верата Христова, а кога умреле, му оставиле не само имот, туку и друго, многу повредно богатство – света вера длабоко вкоренета во срцето. Царот Максимијан му ја доверил на младиот, но храбар и мудар Димитриј власта, која ја имал неговиот татко, и му наредил да ги прогонува и мачи христијаните. Меѓутоа, многу брзо императорот бил информиран дека Димитриј не само што не ги прогонувал христијаните, туку и јавно ја исповедал верата во Христа, па дури и други преобраќал во христијанство. Царот, враќајќи се од војна, намерно влегол во Солун за да го испита тоа лично.

Свети Димитриј бил подготвен за страдања; го замолил својот верен слуга Луп да го подели сиот свој имот на сиромашните по неговата смрт. А тој самиот, стоејќи пред царот, признал дека е христијанин и истакнал дека ниедна сила нема да го принуди да се одрече од Христа Спасителот. Царот наредил да го фрлат во затвор, каде што светителот бил на молитва и каде, според преданието, имал чест да види ангел од небото, кој го охабрувал и утешувал со надеж за скорешно мачеништво.

Царот Максимијан приреди забава за својата војска и за жителите на Солун: христијаните морале да се борат против многу моќниот џин по име Лиј, која царот го водел со себе. А Лиј бил толку силен што никој не можел да го победи.

Имало и еден млад човек во Солун по име Нестор, христијанин, слаб по тело, но силен во верата. Тој отишол во затворот кај Димитриј и побарал од него благослов за борбата со Лиј. Свети Димитриј по заедничката молитва го благословил Нестор и со пророчки дух му кажал дека ќе го победи Лиј, а потоа ќе пострада за Христа. Нестор отишол на местото каде што се одржувала паганската забава и застанал пред Лиј. Сите се смееле, почнувајќи од царот, затоа што таков слаб млад човек сака да се бори со горостасен џин. Тогаш Нестор им кажал дека е христијанин и дека има доверба во помошта на Исус, неговиот Спасител. Лиј притрчал кон него и сите очекувале Нестор да падне врз копјата, но тој самиот го фатил џинот, го кренал над неговата глава и го фрлил на земја. Лиј паднал врз острите копја, неговата крв се распрскала и сите што го виделе сето тоа почнале да викаат на цел глас: „Голем е христијанскиот Бог“.

Разбеснетиот цар наредил Нестор да биде убиен со меч и така маченикот Христов ја дава својата душа за Христа. И кога дознале дека Димитриј го благословил славниот подвиг на Нестор, царот, за да ја одмазди смртта на Лиј, им наредил на војниците да влезат во затворот и со копја да го убијат свети Димитриј. Тоа се случило на 26 октомври 306 година. Телото на светиот маченик го погребале христијаните. Неговиот верен слуга Луп ги зел наметките и прстените на свети Димитриј и допирајќи ги болните со нив, исцелувал и изгонувал демони. Кога мачителот дознал за тоа, наредил Луп да го убијат со меч и така уште еден свет маченик појдел на небото.

А кога дојдела слободата, кога светата вера почнала да се шири насекаде, тогаш над гробот на свети Димитриј се појавила црква, кон која се собирале болни од сите страни, бидејќи како што не можеш да ги изброиш ѕвездите на небото, така не можело да се изборојат сите чуда што се случиле по молитвите врз моштите на светиот маченик. Леонтиј, благородник од Илирија, исцелен во близина на гробот на Свети Димитриј, изградил втора, повеличествена и поубава црква наместо првобитната, која била трошна. При изградбата се пронајдени моштите на свети Димитриј, сосема свежи и цели, а од нив течело мирисливо миро. Моштите на светиот великомаченик биле положени во позлатена хранителница, а Бог ги прославил со уште повеќе чуда. И така, во најтешките таги, Солунјаните барале помош од свети Димитриј и никогаш не биле разочарани. Тој со своите молитви го спасил градот од страшна чума, го заштитил од непријателската паганска инвазија, ослободил многу робови. Кога во Солун настанала страшна глад, свети Димитриј им се јавил на морето на бродоуправителите кои носеле жито и им наредил да се вратат и да отпловат за Солун.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот