Папата: Нема христијанство без нежност

Папата: Нема христијанство без нежност

Да им се помогне на болните, а другите да се поучуваат на најдобар начин на кој треба да им се помага. Така папата Фрањо им ја објасни харизмата на камилијаните во текот на аудиенцијата во која ги прими монасите и монахињите кои ги основа свети Камило од Лелис.

Кога се мисли на светиот Камило од Лелис значи да се присетиш на Добриот Самарјанин, значи да се сетиш на неговата неуморна работа со болните на кои им се посветувал со љубов, многу грижа, после еден разуздан живот кој го поминувал во игри, но после тоа просветлен од Божјата љубов. Папата Фрањо се присети на тој светец за време на аудиенцијата со членовите на големото „Камилијанско семејство“ кои – како што се рече, го посветиле животот на љубезно и великодушно дарување на болните и вршат скапоцено послание во Црквата и во општеството за оние кои страдаат.

Зборувајќи за харизмата на камилијаните, Папата рече дека таа е дар која треба секогаш да блеска со нова светлина и ги поттикна да гледаат на иднината мислејќи на новите облици на апостолат и сведочејќи ја Христовата милосрдна љубов кон болните. Кога болеста ќе нè вознемири и понекогаш целосно ќе го наруши нашиот живот чувствуваме силна потреба за присуство на некој сочувствителен брат или сестра кои ќе нè утешува, поддржува и ќе ни помага повторно да се здбиеме со скапоценото добро здравје или кој ќе нè придружува до прагот на нашата конечна средба со Господ – рече Папата.

Светиот Отец потоа истакна дека дарот кој го примил свети Камило, како и сите оние кои го наследуваат неговиот пример е живеење и сведочење на милосрдната љубов кон оној кој страда. Таа е важна харизма, која е дар на Светиот Дух; затоа не треба да се сокрива. Меѓутоа предупреди исто така дека од харизмата не треба да се направи начин на кој би се истакнувале себе затоа што таа е посебна милост дарувана за да им правиме на другите добро.

По трагот на свети Канило и големиот број примери на светост кои живееле херојски, папата Фрањо ги поттикна присутните да продолжат да одат по зацртаниот пат затоа што дарот кој го примиле сè уште е актуелен и во нашето време, бидејќи е заснован на љубовта која никогаш нема да има крај. Станува збор за тоа на иднината да гледате отворени за нови облици на апостолат на кој Светиот Дух ве вдахнува, а кои ги бараат знаците на времето и потребите на светот – рече Светиот Отец.

Осврнувајќи се на семејството на камилијаните кои го сочинуваат монаси, монахињи, богопосветени лица и верници лаици, Папата истакна дека ниту една од тие реалности не е единствениот чуваr на харизмата, туку секоја ја добива за дар и ја толкува и применува во согласност со својот повик во различни историски и географски прилики. Во центарот секогаш е изворната харизма – рече Папата, како вечен извор на светлина и вдахновение која се сфаќа и динамично овоплотува во различни облици. Секоја од нив се нуди на другите во взаемната размена на дарови кои сите ги збогатуваат.

Светиот Отец на крајот се задржа на зборовот „нежност“ и рече дека тоa е зборот кој би можел целосно да исчезне од речникот. Мора повторно да го оствариме – и додаде: Христијанството не може да биде без нежноста. Нежноста е токму христијанско однесување; таа е сржта на нашата средба со луѓето кои страдаат.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот