Родословот на Исус

Родословот на Исус

Размислување за Неделата пред Божиќ, Матеј 1,1-25

Оваа недела пред празникот Рождество Христово Црквата ни го нуди Евангелието во кое ни го пренесува родословот на Исус. За многу луѓе, овие први редови од Евангелието по Матеј изгледаат здодевни и бесмислени. Меѓутоа, за оние кои живеат според Божјото Слово, Исусовиот родослов е посебно важен запис. Се спомнуваат предци кои биле цврсти во верата, слушаме за обични луѓе кои го живееле својот живот како секој од нас. Бог влегува во историјата на секој човек, влегува во нашата историја за да ѝ даде на оваа историја спасителен карактер. Бог доаѓа кај нас без разлика кои сме и какви сме. Христос доаѓа за да ја спаси нашата историја, обичната историја на нашиот секојдневен живот.

Денес Господ ни зборува на секој од нас дека и ти можеш да бидеш запишан во оваа Божја лоза, а тоа ќе се случи кога ќе вршиме волјата Божја. Можеби ќе си помислите: Каде можам јас со сите мои гревови да бидам запишан во Божјата лоза. И забораваме дека меѓу бројните имиња што ги слушнавме, слушаме за имињата на четири жени: Тамара, Раав, Рут и жените на Урија. Животот на овие жени бил тежок, понекогаш далеку од идеален. Но Господ овде ни покажува дека на искривените линии на нашиот живот Тој може да пишува право. Само треба да му веруваме. Дури и оние кои не биле Јудејци, дури и оние што згрешиле, можат да бидат запишани во Божјата историја, во историјата на спасението.

Господ нѐ повикува, ги повикува сите подеднакво. Можеби некој може да нѐ осуди, да нѐ критикува, а Господ сака само да нѐ спасиме. Тој посакува да нѐ запише во Книгата на животот, во книгата на Неговиот родослов. Но, дали ќе се отвориме за ова Божјо спасение? Дали го слушаме Божјото Слово и што е најважно, дали го исполнуваме во нашите животи?

Родословот на Исус содржи 42 имиња, кои водат до Христос во три фази. Исус сака да одиме со Него за време на нашите животи. Исус е син Давидов, чие владеење никогаш нема да заврши, Тој е син Авраамов, а со тоа и Спасител на сите. Бог, исто така, му вети на Авраам дека спасението ќе дојде до сите преку Аврам. Името „Исус“ на арамејски „Јешуа“,значи „Бог спасува“. Бог сака да ги спаси сите, Исус е Помазаникот, Оној кој сака да Го прифатиме во нашите животи.

Човекот ја создава историјата, но ја создава само кога ќе стане творец на сопствената историја, кога не оди пасивно со течението, туку – динамично, непречено, ритмички. Само во Христа можеме да станеме ново создание. Нашите животи можат да бидат историја за спасение само кога Исус Христос ќе влезе во нив. Без Христос, нашата историја станува збир на конкретни датуми. И од нас зависи дали нашиот живот ќе биде историја за спасение или збир на датуми.

Откако ќе се роди, Исус бара постојано да се раѓа во нашите животи. Само во Христа оваа листа на имиња може да оживее, само во Христа оваа листа на чудни имиња има смисла.

Родословот на Христос ни покажува дека Исус не се проби во историјата на човештвото како метеор. Божиќ не е случајност, не е фикција, туку Божја милост. Исус Христос е Оној чии корени, чии предци се чисто човечки. Исус Христос е Оној чие доаѓање се најавуваше пред многу векови, додека не се исполни времето, додека во човечкиот род не беше откриена Пречистата која стана Божански сад. И гледаме како целата историја на човештвото, од денот кога Бог го повика Авраам, е насочена кон Рождеството Христово.

И токму во овие денови, на неколку дена до Божиќ, Црквата ни го дава целиот негов родослов. И така ни дава вера, посочувајќи дека нашиот Спасител е тело на нашето тело, Тој е еден од нас, ги зема врз Себе гревовите на своите предци и нашите гревови. А ние со солзи на љубов и благодарност брзаме да се сретнеме со Неговото доаѓање. Да ја отвориме Библијата и да ја препрочитаме историјата на мажите и жените чии имиња се спомнати во Христовиот родослов, и во нив да го видиме одразот на нашите животи. Затоа што ова е историја за нашето посвојување од Бога, истотија за нашето простување и спасение.

Да се подготвиш за Рождеството Христово е да бидеш подготвен да принесеш и примиш дар од Бога – Неговата љубов, Неговото простување, Неговото сродство. Да се прифати Оној Кој од никој не се плаши, па колку некој и да е грешен; Оној кој се обидува да ги прегрне и прими сите во Неговото Царство; Оној кој постојано брза, спасува и простува.

Кога дојде во светот, Христос ги зеде на Себе судбините на сите луѓе, гревовите на сите луѓе, животот и смртта на сите луѓе. Да му донесеме на Новороденото Дете злато, темјан и смирна – нашата вера, надеж и љубов. И нашата благодарност и пофалба за Неговата лоза, за сите оние со кои сакаше да бидат со Него во вечно сродство.

к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот