Светски ден на мирот: „Победи ја рамнодушноста и освој го мирот“

„Победи ја рамнодушноста и освој го мирот“ тоа е темата во пораката на Папата за 49-от Светски ден на мирот, кој ќе биде одбележан на 1 јануари 2016, трет во понтификатот на папата Фрањо.

Ова е објавено преку соопштение од Папскиот совет „Правда и мир“ во кое се нагласува дека „мирот треба да се освојува: не е добро она што се добива без напор, без преобраќање, креативност и дијалог“.

Според ватиканскиот совет „рамнодушноста кон раните на нашето време е една од главните причини за недостатокот на мир во светот“. Денес рамнодушноста често е поврзана со различни форми на индивидуализам, кои предизвикуваат осаменост, незнаење, себичност, а оттука и неангажираност. „Зголемувањето на информациите не значи само по себе зголемување на вниманието кон проблемите, ако не е придружено од отвореноста на умот кон солидарноста; за таа цел суштински е придонесот кој може да го дадат, освен семејствата, исто така и наставниците, воспитувачите, културните дејци и медиумите, интелектуалците и уметниците. Рамнодушноста може да се победи само застанувајќи заедно пред овој предизвик“, пишува во соопштението Ватиканскиот совет.

Мирот треба да се освојува: не е добро она што се добива без напор, без преобраќање, креативност и дијалог. Станува збор за тоа да се зголеми чувствителноста и да се формира чувство на одговорност кон сериозните проблеми кои го мачат човечкото семејство, како што се: фундаментализмот и неговите масовни убиства, прогонствата поради верата и етничката припадност, нарушувањето на слободата и правата на народите, работењето и поробувањето на луѓето, корупцијата и организираниот криминал, војните, трагедијата со бегалците и насилните миграции. „Ова зголемување на чувствителноста и формирање на чувството на одговорност ќе доведе истовремено до можности за борба против овие зла на нашата сегашност. Во тој контекст, зајакнувањето на културата на законитоста и воспитувањето во дијалогот и соработката се основни форми за конструктивна интеракција“, стои во сопштението од Папскиот совет „Правда и мир“.

Во текстот на соопштението се наведува дека „мирот е можен таму каде правото на секое човечко суштество е признато и загарантирано, според слободата и правдата“. Пораката за Светскиот ден на мирот 2016, сака да стане основно средство за да можат луѓето со добра волја, особено оние кои работат во областа на образованието, културата и медиумите, да делуваат според нивните можности и најдобри аспирации за заедничка изградба на еден посвесен и помилосрден свет кој треба да е и слободен и фер.

Светскиот ден на мирот е установен од блажениот Павле VI и се слави секоја година на 1 јануари. Пораката на Папата за овој ден се испраќа до сите влади во светот и ја зацртува дипломатската линија која ќе ја следи Светиот Престол во новата година.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот