Светиот Отец: Не може да се биде христијанин од време на време

Ватикан, 15.5.2013 /к.мк/ – Пред околу 90.000 поклоници и верници папата Фрањо продолжи со катехезите во Година на верата. На денешната Генерална аудиенција Светиот Отец говореше за делувањето на Светиот Дух, во Црквата и во секој поединец. Во неговиот поздрав до поколниците од Полска Папата нагласи за неопходноста човечкиот живот да се заштитува од зачнувањето, па сѐ до природната смрт.

На крајот од аудиенцијата папата Фрањо најави дека „најверојатно во септември“ ќе патува за Сардинија во светилиштето „Богородица од Бонарија“ во Каљари. Богородица од Бонарија е заштитничка на родниот град на Папата, Буенос Аирес.

Денес исто така е упатена нова порака од Твитер профилот на папата Фрањо која гласи: Бог е оној кој дава живот. Да го чуваме и сакаме човечкиот живот, посебно незаштитениот живит во утробата на мајката.

********************************************

 Драги браќа и сестри,

 Денес ќе зборувам за делувањето кое Светиот Дух го презема во водењето на Црквата и секој од нас го води кон Вистината. Самиот Исус им вели на апостолите: Светиот Дух „ќе ве упати во секоја вистина“ (Иван 16,13), бидејќи тој самиот е „Дух на Вистината“ (сп. Иван 14,17; 15,26; 16,13)

Живееме во време во кое луѓето се многу скептични кон вистината. Бенедикт XVI во многу прилики говореше за релативизмот, односно наклонетоста на поединеци да веруваат дека не постои ништо конечно и сфаќање дека вистината е плод на концензус или на нашите желби. Тука се јавува прашањето: дали навистина постои „вистина“? Што е „вистина“? Можеме ли да ја спознаеме? Можелме ли да ја најдеме? Тука ми доаѓа на ум, прашањето на римскиот управник Понтиј Пилат на кого Исус му ја откри длабоката смисла на своето послание: „Што е вистина?“ (Иван 18,37.38). Пилат не успева да сфати дека Вистината е пред него, не успева да го види во Исус лицето на вистината, а тоа е лицето на Бог. Но сепак Исус е токму тоа: Вистина, која кога се исполни времето, „стана тело“ (Иван 1,1.14), дојде меѓу нас за да ја запознаеме. За вистината не се посегнува како по некоја работа, туку таа се сретнува. Таа не е нешто што се поседува, туку е средба со Личност.

Но кој ни помага за да препознаеме дека Исус е Слово на вистината, Единороден Син на Бог Отецот? Свети Павле учи дека: и никој не може да Го нарече Исуса Господ, освен преку Светиот Дух (1 Коринтјаните 12,3). Значи токму Светиот Дух, дарот на Воскреснатиот Христос ни помага да ја спознаеме Вситината. Исус го нарекува „Утешител“ (Параклит), односно „оној кој ни притекнува на помош“, кој е со нас за да ни помага на патот до спознавањето; а за време на Последната вечера, Исус ги уверува своите ученици дека Светиот Дух ќе ги научи на се и ќе напомни за се што им зборувал (сп. Иван 14.26).

На кон начин Светиот Дух во нашиот живот и во животот на Црквата нѐ води кон вистината: Пред сѐ со тоа што потсетува и втиснува во срцата на верниците зборови кои Исус ги има кажано и токму по тие зборови, Божјиот закон – како што го навестиле старозаветните пророци – е впишан во нашето срце и станува во нас вреден принцип во донесување на нашите одлуки и принцип според кој се раководиме во секојдневното делување, станува принцип на животот. Така се исполнува големото пророштво на Езекиел: „ќе се очистите од сите ваши осквернувања, и од сите ваши идоли ќе ве очистам. Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо. Ќе го внесам во вас Мојот дух и ќе направам да одите по заповедите Мои и да ги пазите и да ги исполнувате наредбите Мои. (36, 25-27). Имено, изворот на сите наши дела е длабоко во нас: срцето е тоа кое треба да се пробрати кон Бог, а Светиот Дух го преобразува нашето срце ако му се отвориме.

Светиот Дух, како што ветува Исус ќе „ве упати во секоја вистина“ (Иван 16,13); нè води не само на средба со Исус, полнина на Вистината, туку нè води во „Вистината“, односно ни помага да влеземе во подлабоко заедништво со самиот Исус, давајќи ни да го спознаеме Бог. А тоа не можеме да го постигнеме со соспствени сили. Ако Бог не нѐ просветлува од внатре, нашиот христијански живот ќе биде површен. Црковната традиција говори дека Духот на вистината делува во нашето срце разбудувајќи го она „чувство на вера“ (sensus fidei) по која, како што вели Вториот ватикански собор, Божјиот народ под водство на Учителството, непоколебливо се приврзува на пренесената вера, ја продлабочува со правилен суд и во животот во потполност ја применува (сп. Догматска конституција Lumen gentium, 12). Да се обидеме да се запрашаме: дали сум отворен за делувањето на Светиот Дух, дали го молам да ми даде светло, да ме направи почувствителен за Бог? Тоа е молитва која треба секојдневно да ја молиме: „Дух Свети дај моето срце да биде отворено за Божјото Слово, моето срце да биде отворено за доброто, моето срце секој ден да биде отворено на Божјата убавина“. На сите сакам да ви поставам едно прашање; колку од вас секојденвно му се молат на Светиот Дух? Малкумина се оние кои ќе одговорат потврдно, но ние мораме да ја исполниме таа желба на Исус и да се молиме секој ден на Светиот Дух, за да ни го отвори срцето за Исус.

Да помислиме на Марија, која во себе ги пазеше сите настани и ги пазеше зборовите во срцето свое. (сп. Лука 2,19.51) Прифаќањето на зборовите и вистината на верата за да станат живот се остварува и расте со делувањето на Светиот Дух. Во таа смисла треба од Марија да научиме повторно да го живееме нејзиното „да“, нејзината потполна подготвеност за примање на Синот Божји во сопствениот живот, кој од тој момент е преобразен. Преку Светиот Дух, Отецот и Синот се вселуваат во нас: ние живееме во Бог и од Бог. Но дали нашиот живот навистина е оживеан од Бог? Колку работи ми се поважни од Бог?

Драги браќа и сестри, треба да дозволиме Светиот Дух да нѐ преплави со своето светло, бидејќи тој нѐ воведува во Божјата вистина, кој е единствениот Господ на нашиот живот. Во оваа Година на верата да се запрашаме дали нешто конкретно преземавме подобро да го запознаеме Христос и вистината на верата, читајќи и размислувајќи за Светото Писмо, проучувајќи го Катехизмот, пристапувајќи постојано на светите Тајни. Но истовремено да се запрашаме кои чекори ги правиме за да верата го управува целиот наш живот. Не може да се биде христијанин „од време на време“, во некои моменти, во некои прилики, во некои одлуки. Така не може да се биде христијанин, христијанинот секогаш е христијанин. Потполно! Христовата вистина, на која нѐ поучува Светиот Дух и која ни ја дарува, го зафаќа засекогаш и потполно секојдневниот наш живот. Да го повикуваме почесто, за да нѐ води по патот на Христовите ученици! Да го повикуваме секој ден. Ви го давам следниот предлог: да го повикуваме секој ден Светиот Дух, така Светиот Дух ќе не приближи до Исус Христос. (го*ко)

 

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<