Генерална аудиенција: Милосрдието и контемплацијата се синоними

Генерална аудиенција: Милосрдието и контемплацијата се синоними

„Контемплацијата не е акција, туку начин на постоење. Ова го истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција одржана на 5 мај 2021 година од Апостолската библиотека. Папата продолжи со катехезите посветени на молитвата, фокусирајќи се на темата „Контемплативна молитва“. Катехезата на Папата ја пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри,

Продолжуваме со катехезата за молитвата и во оваа катехеза ќе зборувам за контемплативната молитва.

Контемплативната димензија на човечкото битие – што сè уште не е контемплативна молитва – помалку е како „солта“ во животот: им дава вкус на нашите денови, ги прави подобри. Може да се контемплира гледајќи како сонцето изгрева во зори или дрвјата кои во пролетта се обвиткани во зеленило; може да се контемплира со слушање музика или со пеење на птиците, читајќи некоја книга, пред некое уметничко дело или пред она ремек-дело кое го претставува човечкото лице… Карло Марија Мартини, кој беше поставен за бискуп во Милано, го наслови своето прво пасторално писмо „Контемплативната димензија на животот“. Имено, оној кој живее во голем град, каде што сè е – можеме да кажеме – толку вештачко, каде што сè е функционално, е во опасност да ја изгуби способноста за контемплација. Контемплацијата не е првенствено начин на кој се прави нешто, туку е начин на постоење: да се биде контемплативен.

Да се биде контемплативен не зависи од очите, туку од срцето. И тука молитвата влегува во игра како чин на вера и љубов, како „здив“ на нашиот однос со Бога. Молитвата го прочистува срцето и заедно со него, го просветлува исто така и погледот, дозволувајќи му на некој да ја набљудува реалноста од друга гледна точка. Катехизмот ја опишува оваа преобразба на срцето преку молитва, цитирајќи го познатото сведоштво на светиот парох од Арс: „Молитвата со набљудување е поглед на верата, насочен кон Исус. ‘Јас го гледам и тој ме гледа’, зборувал во свое време светиот парох од Арс молејќи се пред дарохранителницата.. […] Светлината на Исусовиот поглед ги осветлува очите на нашето срце; нè учи сите да ги гледаме е во светлината на неговата вистина и неговото сочувство кон сите луѓе“ (Катехизам на Католичката црква, 2715). Сè се раѓа од таму: од срцето кое чувствува дека е набљудувано со љубов. Тогаш реалноста се гледа со други очи.

„Јас го гледам и тој ме гледа. Токму така: во контемплацијата исполнета со љубов, карактеристично за најинтимната молитва, не се потребни многу зборови: доволен е погледот, доволно е да се биде уверен дека нашиот живот е опкружен со голема и верна љубов од која ништо не може да не оддели .

Исус бил учител на таквиот поглед. Во неговиот живот не недостасувало време, простор, тишина, заедништво полно со љубов, која му овозможува на животот да не го уништат неизбежните искушенија, туку убавината да се зачува недопрена. Неговата тајна беше неговиот однос со Небесниот Отец.

Да се потсетиме на настанот Преображение. Евангелијата го сместуваат овој настан во критичниот момент од Исусовото послание, кога околу него сѐ повеќе се зголемуваат спротивставувањата и отфрлањата. Дури и меѓу неговите ученици има многу кои не го разбираат и заминуваат од него; кај еден од Дванаесетте се појавуваат мисли за предавство. Исус отворено зборува за страдањата и смртта што го очекуваат во Ерусалим. Во овие околности, Исус се искачува на висока гора заедно со Петар, Јаков и Иван. Во Евангелието според Марко стои: „и се преобрази пред нив. Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белилка на земјата не може да избели.“ (9,2-3). Токму во часот во кој Исус не е разбран – заминуваат од него и го оставаат сам затоа што не го разбираат – во тој момент кога не е разбран, токму кога изгледа дека сè ќе потоне во магливиот вртлог на недоразбирање, токму таму засветли Божјото светло. Тоа е светлото на Божјата љубов која го исполнува срцето на Синот и ја преобразува целата негова Личност.

Некои духовници од минатото ја сфаќале контемплацијата како нешто што е во спротивност со акцијата и ги величале оние звања, кои бегале од светот и неговите проблеми како би се посветиле потполно на молитвата. Во Исус Христос, во неговата личност и во евангелието, всушност, нема спротивставеност помеѓу контемплацијата и акцијата, тоа го нема. Во Евангелието во Исус нема никаква спротивставеност. До тоа е дојдено можеби под влијание на некои неоплатонски филозофи, но сигурно не се работи за дуализам, кој не припаѓа на христијанската порака.

Постои голем повик во Евангелието, а тоа е да се следи Исус по патот на љубовта. Тоа е врв, центар на сè. Во таа смисла, љубовта и контемплацијата се синоними, тие значат исто. Свети Иван од Крстот сметаше дека мал чин на чиста љубов е покорисен за Црквата од сите други дела заедно. Она што се раѓа преку молитвата, а не од вообразеност на нашето „Јас“, она што е прочистено со понизност, па тоа да е дури осамен и тивок чин на љубов е најголемото чудо што може да го направи еден христијанин. И тоа е патот до молитвата со контемплација: Јас го гледам, Тој ме гледа! Тој чин на љубов во тивок дијалог со Исус донесува многу добра за Црквата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот