Папата: Бог љуби како мајка – безусловно

Бог се разнежнува над нас како мајка кога го зема во раце своето дете истакна папата Фрањо во катехезата која ја одржа по повод Генералната аудиенција на 13 јануари во салата Павле VI во Ватикан. На првата аудиенција во 2016 година Светиот Отец започна нова серија на катехези за милосрдието.

Бог се разнежнува над нас како мајка кога го зема во раце своето дете – е една од бројните мисли од катехезата која папата Фрањо ја одржа по повод Генералната аудиенција на 13 јануари во салата Павле VI во Ватикан. На првата аудиенција во 2016 година Светиот Отец започна нова серија на катехези за милосрдието од библиски аспект за да го запознаеме милосрдието слушајќи го она што самиот Бог нè поучува со своето Слово.

Уште на самиот почеток на Библијата – објасни Папата започнувајќи ја новата серија катехези со поглед на Стариот завет – милосрдието се појавува како Божјо „име“. Потсетуваме дека токму тој е насловот на неговата неодамна објавена книга. Размислувајќи за она што Бог го објави на Мојсеј: Јахве е Бог милосрден и милостив, бавен на гнев, богат со љубов и верност, Светиот Отец ги разгледа секоја од тие карактеристики започнувајќи од првата, „Бог е милосрден“.

Сликата која ни ја дава е она за Бог кој се трогнува и разнежнува над нас како мајка кога го зема во раце своето дете желна само да го сака, заштитува, да му помогне и која е подготвена да дарува сè, па и самата себе. Таа е сликата која ни ја дава тој збор. Слика на љубовта која во добра смисла може да се нарече „инстинктивна.“

Вториот назив содржан во делот од Книгата Исход е милостив во смисла – објасни Папата – дека е сочувтвителен во својата големина, клекнува пред слабите и сиромашните секогаш подготвен да прифати, сфати, прости. Тој е како таткото од параболата за која се зборува во Евангелието по Лука; таткото кој не се препушта на гневот заради тоа што помладиот син го напуштил, туку напротив и понатаму го чека – па го родил! Додаде Папата – а потоа му трча в пресрет и го прегрнува со голема љубов и радост заради тоа што повторно го пронашол.

Освен тоа Бог е „бавен на гнев“ – продолжи Папата – затоа што е голема во Него широкоградоста и способноста за поднесување и тоа со трпение кое човекот не го поседува и посебно четвртиот назив Тој е богат со љубов и верност. Колку е прекрасен тој опис на Бог! – истакна Папата. Зборот „љубов“ овде употребен означува наклонетост, милост, добрина. Тоа не е љубов од сапуниците… Таа е љубов која го прави првиот чекор, која не зависи од човечките заслуги, туку од бесконечната бесплатност. Таа е божествена грижливост која ништо не може да ја запре, па ниту гревот затоа што знае да оди понатаму од гревот, да го победи злото и да му прости – рече Светиот Отец.

На крајот папата Фрањо ги наведе зборовите од 121 Псалм кој зборува дека Господ е „чувар“ Кој секогаш бдее над човечкиот род и потсети на зборовите на свети Павле од Второто Послание до Тимотеј за Бог Кој секогаш е верен, па и кога човекот не е верен. Верноста во милосрдието е токму Божјото битие. Заради тоа Бог целосно и секогаш е доверлив. Тој е цврсто и трајно присуство. И тоа е сигурноста на нашата вера. Затоа целосно да му се довериме на Него затоа што сме во овој Јубилеј на милосрдието и да ја почувствуваме радоста заради тоа што нè сака тој Бог Кој е милосрден и милостив, бавен на гнев, богат со љубов и верност – рече Папата и посака преминот преку Светата врата да ги поттикне сите да прават дела на материјално и духовно милосрдие.

На крајот на Генералната аудиенција Папата своите мисли и молитви ги посвети на жртвите на атентатот во Истанбул. Ве повикувам да молите за жртвите на атентатот направен вчера во Истанбул. Нека Господ, Милосрден подари вечен мир на загинатите, утеха на нивните семејства, солидарна истрајност на целото општество и нека ги преобрати насилните срца – рече папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот