Папата: Да ги фрлиме од рацете камењата на оцрнување и озборување

Папата: Да ги фрлиме од рацете камењата на оцрнување и озборување

Пред молитвата Ангел Господов, на 7 април 2019 година, папата Фрањо се осврна на Евангелието на денот, кое на оваа Петта недела од Великиот пост Литургијата ни го става пред очи настанот за жената фатена во прељубодејство (Иван 8, 1-11).

Во Евангелието на денот се спротивставуваат два ставa: ставот на книжниците и фарисеите од една страна и на Исус од друга. Првите сакаaт да ја осудат жената затоа што се сметаат за чувари на Законот и на неговата верна примена. Меѓутоа Исус сака да ја спаси затоа што Тој го овоплотува милосрдието на Бог Кој простувајќи – откупува и помирувајќи – обновува.

Да го погледнеме самиот настан. Додека Исус поучува во храмот, книжниците и фарисеите му доведуваат жена затечена во прељубодејство; ја поставуваат во средина и го прашуваат Исус дали треба да ја каменуваат како што пропишува Мојсеевиот закон. Евангелистот прецизира дека тие му го поставиле на Исус тоа прашање „за да Го искушаат и да Го обвинат“ (ред 6). Ако Исус каже дека не треба да се каменува жената тоа ќе биде причина за да го обвинат за непослушност на Законот; но ако каже дека треба да се каменува, тие би го пријавиле на римските власти, кои го задржале за себе казнувањето и не им дозволуваат на Евреите да ја извршат смртната казна.

И Исус морал да одговори. Исусовите соговорници биле затворени во тесноградноста на легалитетот и сакаат да Го затворат Синот Божји во својата перспектива на судот и осудата. Но Тој не дојде на светот за да суди и обвинува, туку да го спаси и да им понуди на луѓето нов живот.

И како реагирал Исус на тоа искушение? Најпрво кратко останал во тишина, се наведнал и со прстот пишувал по земјата потсетувајќи дека единствен Законодавец и Судија е Бог Кој го напишал Законот на камен. А потоа вели: „Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа!“ (ред 7) На тој начин Исус апелира до совеста на тие луѓе: тие се сметале за „бранители на правдата“, потсетувајќи ги дека и тие исто така се грешни заради што не можат да го приграбат правото за да одлучат за животот и смртта на било кој од своите ближни. Кога тоа го слушнале еден по еден започнувајќи од најстариот односно од оние кои се најсвесни за сопствената беда, заминале откажувајќи се од каменувањето на жената.

Оваа сцена го повикува и секој од нас да станеме свесни за својата грешност и да ги фрлиме од своите раце камењата на оцрнување и осуда, озборување кои понекогаш сакаме да ги фрламе на другите. Кога ги озборуваме другите фрламе камења, исти сме како и овие.

На крајот остануваат само Исус и жената, таму во средина: „бедата и милосрдието“, вели свети Августин. Исус е единствениот без грев и тој е единствениот кој може да фрли камен на неа, но тоа не го прави затоа што Бог „не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив“ (Језекиил 33, 11). И Исус ја отпушта жената со овие прекрасни зборови: „Оди си и немој повеќе да грешиш.“ (ред 11) И така Исус отвора пред неа нов пат, кој го направил милосрдието, пат кој го бара нејзиниот посветен труд за да не греши повеќе.

Тој повик важи за секој од нас: Кога ни простува Исус секогаш ни отвора нов пат за да одиме напред. Во ова време на Великиот пост повикани сме да се признаеме за грешници и да молиме за простување од Бог. А тоа простување додека од една страна нè помирува и ни дава мир, од друга ни овозможува повторно да започнеме обновена историја. Секое вистинско преобраќање е свртено кон нова иднина, нов, убав живот, живот слободен од гревот, великодушен живот.

Да не се плашиме да бараме простување од Исус затоа што Тој ни ја отвора вратата за тој нов живот. Нека Блажена Дева Марија ни помогне да ја сведочиме на сите милосрдната љубов на Бог, Кој во Исус ни простува и нашиот живот го прави нов, пружејќи ни секогаш нови можности.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот