Папата Лав: Никој не може да тврди дека има право да го повредува достоинството на другите

Папата Лав: Никој не може да тврди дека има право да го повредува достоинството на другите

Папата Лав XIV се сретна со учесниците на конференцијата организирана од ОБСЕ за борба против дрогата и организираниот криминал, потврдувајќи ја важноста на владеењето на правото, спречувањето на криминалот и социјалната поддршка за оние што се погодени од злото на недозволените дроги.

Папата Лав XIV во петок, 15 мај 2026 година, одржа аудиенција со учесниците на Втората меѓупарламентарна конференција за борба против дрогата и организираниот криминал.

Настанот беше организиран од Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ, на кој учество зедоа 57 држави од Европа, Северна Америка и Централна Азија.

Во своето обраќање, Папата рече дека нивното присуство на конференцијата ја нагласува важноста на борбата против „злото на недозволените дроги“ и криминалните мрежи што ја загрозуваат „самата иднина на нашите општества“.

Светиот Престол останува цврсто уверен дека владеењето на правото, спречувањето на криминалот и кривичната правда треба да дејствуваат заедно, рече тој, додавајќи дека овие елементи се неопходни за интегрален човечки развој.

„Ниедно вистински праведно општество не може да опстои доколку законот, а не произволната волја на поединците, не остане врховен“, рече тој, „додека ниту едно лице или група, без оглед на моќта или статусот, никогаш не може да тврди дека има право да ги крши достоинството и правата на другите или на нивните заедници“.

Органите за спроведување на законот и поширокото општество, додаде тој, треба да работат на спречување криминални активности, со почитување на универзалните човекови права.

Папата Лав XIV потоа потсети дека вистинската правда не може да се задоволи само со казна, бидејќи таа бара истрајност и милосрдие за повторно вклучување на сторителите на кривични дела во општеството.

„Истото почитување на вроденото достоинство на секоја личност, вклучително и на оние што извршиле злосторства, ја исклучува употребата на смртна казна, тортура и секој облик на сурово или понижувачко казнување“, рече тој.

Папата повика на сеопфатни програми за помош на лицата погодени од зависност, кои ќе им понудат медицински третман, психолошка поддршка и рехабилитација.

Со примена на мултидисциплинарен пристап што ги избегнува и чисто репресивните мерки и премногу попустливите решенија, додаде тој, поранешните зависници можат повторно да го откријат своето достоинство дадено од Бога.

Образованието е клучно за превенцијата, рече папата Лав, истакнувајќи дека тоа им помага на децата да ги препознаат разорните последици од дрогата.

„Кога социјалните медиуми толку често шират опасни дезинформации што ги банализираат овие ризици“, рече тој, „образованието треба да започне во семејството и да се зајакнува во училиштето, пренесувајќи точно научно знаење за разорните последици од наркотиците врз мозокот, телото, личното однесување и општото добро на заедницата“.

Спречувањето и борбата против организираниот криминал, рече тој, е суштински дел од градењето безбедни, праведни и стабилни општества.

Папата Лав XIV ја пофали работата на службениците за спроведување на законот и на судиите, сеќавајќи се на оние што ги жртвувале своите животи или претрпеле повреди при извршувањето на својата должност.

На крајот, Папата ја потврди подготвеноста на Католичката црква и на нејзините бројни институции низ светот да им помагаат на луѓето погодени од зависност, во соработка со граѓанското општество.

„Заедно, во дух на меѓусебно почитување и споделена одговорност“, рече тој, „можеме да промовираме политики што вистински му служат на општото добро и на неотуѓивото достоинство на секое човечко суштество“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот