ПАСТИРСКО ПИСМО: БОГ НÈ ЉУБИ

Второ Пастирско писмо на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во Година на Милосрдието (Велики пост- Велигден)

Вовед

Денес кога на застрашувачки начин се шири егоизмот, рамнодушноста и тврдоста на срцето, колку нам силно ни е потребна обнова на сочувство кон човекот во неговата сиромаштија и страдание! Светот моли за милосрдие. Ништо на човекот не му е потребно повеќе од Божјото милосрдие – и нежната љубов, сочувство, кое човекот го издигнува над неговите слабости и го води кон вечните висини на Божјата светлина. Човек, секој човек е расипан син – оптоварен во искушението да го напушти својот Татко како би живеел независно, кој подлежи на искушение, што го издала неговата празнина што го затворила како привидение, сон, клевета, искористен, кога се обидува сам да изгради свет, во длабочината на својата беда мачен со желба да се врати во единство на својот Татко. Како Татко од параболата на изгубениот син, Бог очекува враќање на својот Син. Кога синот се враќа тој го прегрнува и прави гозба во чест на повторната средба во која Таткото и браќата прават ново заедништво. Велигденскиот пост кој завршува со возвишениот празник Велигден е погодно време во Годината на Милосрдието повторно да го поминеме тој пат на своето издигнување и враќање кон Отецот.

1. Бог кој бара

Секогаш кога читаме извештај за Авраам не можеме да останеме без длабока духовна потресеност. На Божјиот повик Авраам ја напушта својата сигурност, татковина и сè што поседува само затоа што во него непознатиот Бог се објавува и го повикува да врви по Него. Авраам е старец без потомство, а тој Бог му ветува потомство помногубројно отколку ѕвездите на небо. Авраам против секоја човечка логика го слуша тој глас и го следи Божјиот повик. Кога на патот го посетуваат тројца Ангели и му ветуваат син тој прифаќа, а Сара се смее. После една година Авраам има наследник Исак, син единец, зачетен род на избраниот Божји народ. Тој Бог кој остана верен на ветувањата на Авраамовата вера го става на необично искушение. Бара од него да му го жртвува синот на тој начин самиот да го убие, да го запали на Жртвеникот. Нам ни изгледа дека Авраам имаше право да му каже на Бога: НЕ. Имено, Авраам го послуша повикот и доби син. Тоа била темата на сојузот. А сега, изгледа, Бог бара неправедно да го погази своето ветување и да му го одземе синот. Тоа што и овој пат нѐ чуди е што Авраам не прашува, туку ја извршува Божјата волја. Го принесува синот. Но во мигот кога замавнува со ножот Божјото искушение кое Бог го даде престанува. Бог гледа дека Авраам е неизмерно послушен и дека верата му е многу посилна од наклонетоста кон материјалното, семејното и на било кој друг свет на вредност. За Авраам Бог е само Бог. Да се присетиме, дека со овој и таков чин е праотец на нашата вера. Верата на секој од нас би требала да биде таква или за жал никаква. Ако Бог не е прв во нашиот живот на сите подрачја – втор не може да биде. Секое ветување почнува со таква вера.

2. Несфатлив Бог

Во Евангелието според Иван, Исус во разговорот со Никодим говори: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Зашто Бог не го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него“ (Ив 3, 16-17). Овој Исусов говор нѐ води до најдлабокото таинство на спасението. Повторно главен збор е верата, но овој пат вера во Распнатиот. Нѐ чуди таа трагедија која ја доживеа Исус Христос Богочовекот. Го гледаме во Гетсиманија како се превива пред товарот што го чека, а искажува најтопли зборови што ниту еден верен Евреин не би се осудил да му каже на Семоќниот, а Исус му вели Авва Оче, што можеме да го преведеме со нежниот збор: Татенце, што мало детенце го изговорува на својот татко. Меѓутоа, Бог молчи. Се восхитуваме на Исусовата преданост: но, не Моја, туку нека биде Твојата волја. И таа волја го праќа Исуса во неумоливо (непопустливо) страдание и смрт. Браќа и сестри, тоа е темелен чин на Божјото милосрдие „слугата да го откупи – Синот го предаде“. Во Велигденскиот од не смееме да останеме на ниво на чувство и сожалување кон Христовите страдања, туку далеку повеќе треба да се приближиме кон Отецот, кој на тој начин ни го искажува своето неизмерно милосрдие. Да се вратиме на тајната на гревот. Гревот е најголемата трагедија на човечкиот род, а се всели во човекот во времето на Адамовото паѓање. Бог не ја создаде смртта, не го создаде страданието. Грев е оној кој човекот го одврати од Бога и го зави во црно и човекот стана скитник и смртник. Смртта се всели во телото. Духот е бесмртен, но човекот е Дух и тело и затоа низ животот е неразделиво поврзан и одговорен за своите постапки. Секогаш се наметнува прашањето: зошто Бог допуштил грев? Одговор наоѓаме само во верата, а таа е всушност тоа што празнуваме во оваа година – да се открие милосрдната љубов. Христос го прифати на себе гревот на светот и смртта на крстот во телото ја разори моќта на смртта. Бидејќи љубовта е која Отецот ја понуди на Синот да се прикаже за нас вистинска победа, зашто сега смртта стана привидна, а милоста трајна. Така, како верници во чинот на откупувањето стоиме пред несфатливата Божја тајна кој до таа мерка го љуби своето создание што со Христовата смрт но и со Воскресението вистински зачна, роди и создаде ново човештво. Родени сме од Христовото прободено ребро, од крв и вода според крштението и Евхаристијата. Заради тоа Воскресението е незамисливо без Евхаристијата, односно живата средба со Воскреснатиот.

3. Бог кој проштева

Празнувајќи ја Годината на Милосрдието да се задржиме на уште два лика на кои Бог го искажува своето неизмерно милосрдие. Од Евангелието е доста јасно каква природа беа апостолите и каква ли стрпливост имаше Исус со нив. Петар е брз (избувлив), импулсивен и самоуверен. Повеќе пати во своите ставови кон Исус и Неговата наука се ставаше зачудено што Марко запишува една груба Исусова реченица: „Бегај од мене сатано! Зашто не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко“. (Мр 8,33). На последната вечера се колнеше во верноста и подготвеноста дека за Исус ќе отиде и на смрт, дури за одбрана се фати за мечот во Гетсиманија, а малку подоцна со заклетва се откажа од својот Учител. Сепак, не се откажа од Исус. Исус толку изморен го погледнува на Петар и како да му рекол. Петре, сеуште си ми мил, бидејќи јас се нарекувам бескрајно Милосрден. Другиот ученик на кој Исус му искажа крајно почитување е Јуда. Му даде до знаење дека знае дека ќе го предаде и со длабока жалост тоа го искажа пред Дванаесетмината. Јуда направи предавство. Сепак, Исус не го прекорува, туку во мигот на предавството му вели: Пријателе, зарем со целив го предаваш Синот Човечки. Му даде можност како и на Петар во последен миг. Изборот е толку нееднаков. Петар горко заплаче, а Јуда се реши на самоубиство. Тој настан од апостолскиот збор јасно ни порачува во оваа година на Милосрдието дека понудата е неизмерна, еднострана од Божја страна. Бог не го гледа грешникот како грешник, туку секој човек го гледа како свое сакано создание. Од нас зависи одговорот на таа Божја понуда. Апостол Павле до Римјаните пишува: „Зашто, уште кога бевме слаби,  Христос, во одреденото време умре за безбожниците. Навистина, тешко би можел некој да умре за праведник, а за добар, можеби, некој и би се решил да умре. Но, Бог ја докажа љубовта Своја кон нас, со тоа што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Рим 5,6-8). Многу други ликови од Новиот завет покажуваат трајно Божјо расположение повик на обраќање на грешните, нудејќи им простување. Така Матеја е повикан при заедничката трапеза на цариници, Марија Магдалена од јавниот блуд, прељубница пред каменување и неброени други. Единствени на кои Бог не им понуди прошка се тие кои го презреа со својата дволичност.

Така браќа и сестри и овој Велигденски пост и Велигден ни даваат шанса и можност да може да опростиме за да ни биде простено, да бидеме милосрдни за да ни се искаже милосрдие: „зашто со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери„ (Мт 7,2 или Лк 6,38).

Да го завршиме оваа размислување со молитвата на блажена Мајка Тереза: Бог денес го љуби светот преку нас. Толку многу нѐ љубеше што и на крстот умре за нас. Толку нѐ љубеше што деноноќно постанува Жив Леб. И ние треба да љубиме, и ние треба да љубиме и ние треба да се даруваме сè до бол, бидејќи Бог денес го дарува Бог преку нас. Тој продолжува да го љуби светот испраќајќи нѐ нас да бидеме Негова љубов, Негова светлина, Негово сожалување. Амин

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот