Од проповедта на Папата: Христијанскиот идентитет се исполнува со воскресението на телото
Патот на христијанинот завршува со воскреснувањето, истакна папата Фрањо на светата Литургија на 19 септември во домот Света Марта. Коментирајќи ги зборовите на свети Павле од Првото Послание до Коринтјаните рече: изгледа дека христијаните имат потешкотија да веруваат во преобразувањето на сопственото тело после смртта. Го насочи своето внимание на опомената на свети Павле на Коринтјаните кон прашањето за воскреснието. Тие верувале дека Христос воскресна, но не им било јасно како и ние исто така можеме да воскреснеме. „Тие мислеле“ – рече Папата – „дека мртви се оправдани и нема да одат во пеколот, туку одат со душата пред Бог; но само со душата.“
Слична потешкотија со верата во воскресението имал и свети Петар и Марија Магдалена на Исусовиот гроб. Го виделе празниот гроб, но, „не им паднало на ум дека се работи за вистинско воскресение.“ На крајот поверувале во Исусовото воскресение, бидејќи го виделе. Кога свети Павле во Атина проповеда за Исусовото воскресение, грчките мудреци и филозофи се соблазниле, истакна Папата и продолжи:
„Воскресението во христијанската наука им било скандал, не можеле да го сфатат. И заради тоа Павле така јасно вели: „И кога за Христа се проповеда дека воскреснал од мртвите, како тогаш помеѓу вас велат дека немало воскресение на мртвите?“ Ако Христос воскресна и мртвите ќе воскреснат – нагласи Светиот Отец, додавајќи: „Постои отпор кон преобразувањето, отпор кон делувањето на Светиот Дух Кој сме го примиле на крштението и Кој на крајот кон воскресението, ќе нè преобрази. И кога зборуваме за тоа обично се изразуваме на следниот начин: Јас сакам да одам во небото, не сакам да одам во пеколот и остануваме само на тоа. Никој од нас не вели: Ќе воскреснам како Христос. И ние имаме потешкотија да го сфатиме тоа – рече Папата и објасни:
„Кога човек треба да оди на операција се плаши, бидејќи или нешто ќе му извадат или нешто ќе му вметнат. Ќе биде кажи речи преобразен.. А ние со воскресението сите ќе бидеме преобразени. Тоа е иднината која нè очекува и заради тоа пружиме таков отпор: станува збор за преобразување на нашето тело“ – истакна Светиот Отец, велејќи дека можеби од ништо толку не се плашиме како од преобразбата по воскресението. Во тоа е идентитетот на христијанинот – продолжи Папата – Да бидеш со Господ со телото и душата. Ќе воскреснеме за да бидеме со Господ. А патот кој нè води до воскресението е одењето со Господ и ако сме навикнале да бидеме со Него, стравот од преобразбата на нашето тело нè напушта.“
Воскресението, рече понатаму папата Фрањо, „ќе биде како будење“. Јов ни кажува: „ќе гледате со сопствени очи.“ „Не духовно“ рече Папата – „не, туку со сопственото тело, сопствените преобразени очи. Христијанскиот идентитет не се исполнува во временски триумф, не се исполнува во убаво послание. Христијанскиот идентитет се исполнува во воскресението на нашето тело. Во тоа е свршетокот; да бидеш довршен на сликата Господова. Христијанскиот идентитет е патување, одење со Господ. Како одењето на двајцата ученици кои останаа со Господ цела вечер, така целиот наш живот е одење за да останеме со Господ и на крајот, после гласот на аранхангелот, после звукот на трубите – да останеме, да бидеме со Господ“ – заврши на крајот Папата.
РВ/Д.И.