Папата: Делата не смеат да бидат загадени со световниот менталитет

Папата: Делата не смеат да бидат загадени со световниот менталитет

Не дозволувањето да нѐ обесчестува овој свет не значи да се изолираме и да се затвориме од реалноста.

Папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов во недела 2 септември 2018 година на плоштадот Свети Петар во Ватикан пред собраните верници зборуваше за делот од Евангелието според Марко (сп.. Марко 7,1-8,14-15,21-23) во кое Исус се соочува со важна тема односно за вистинската послушност кон Божјото Слово, против секоја земска нечистотија или легалистички формализам. Имено, делот од Евангелието кој воедно е предвиден и за неделно литургиско читање, започнува со приговор на фарисеите и книжниците кои го упатија до Исус, обвинувајќи ги неговите ученици дека не ги извршуваат обредните прописи, кои се во согласност со традицијата – истакна папата Фрањо и продолжи: На тој начин имале намера да влијаат на авторитетот и веродостојноста на Исус како Учител. Но тој им одговара: „Добро пророкувал Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: »Овој народ со уста Ме почитува, а со срцето свое стои далеку од Мене; но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби« (Марко 7,6-7).

Имено, Исус сака да ги предупреди книжниците и фарисеите на грешките во кои се западнати, бидејќи  ја превртеа Божјата волја, занемарувајќи ги Неговите заповеди како би извршувале човечки традиции – рече Папата и напомена: Реакцијата на Исус била строга, бидејќи станува збор за голема работа. Се работи за автентичноста на односот помеѓу Бог и човекот, за автентичноста на верскиот живот. Лицемерите се лажливци, не се автентични.

И денес Господ повикува да ја избегнуваме таа опасност, да даваме поголема важност на надворешноста, отколку на суштината – предупреди Светиот Отец и рече: Нѐ повикува повторно да го препознаеме она што е суштинско за искуството на верата, односно љубовта Божја и љубовта кон ближниот, чистејќи ја од лицемерно робување на законот и обредните обичаи.

Денешната евангелска порака ја потврдуваат и зборовите на апостол Јаков кој ни зборува каква мора да биде вистинската вера: „Чиста и непорочна вера пред Бога и Отецот е оваа: да пригледуваш сираци и вдовици во нивните маки и да се пазиш да останеш неосквернет од светот“ (Јаков 1,27). – рече папата Фрањо и објасни: Да пригледуваш сираци и вдовици значи да се практикува љубовта кон ближните, започнувајќи од оние во најголема потреба, најслабите и најотфрлените. Тоа се луѓе за кои Бог посебно се грижи и бара од нас и ние истото да го правиме.

Не дозволувањето да нѐ обесчестува овој свет не значи да се изолираме и да се затвориме од реалноста – рече Папата и продолжи: И тука не треба да дојде до израз надворешното однесување, туку внатрешното, која ја содржи суштината, а тоа значи да се биде буден како начин на размислување и делување како не би биле загадени од световниот менталитет, односно со испразноста, алчноста и горделивоста. Всушност, личноста која живее во испразност, алчност и горделивост, а која се прикажува како верник и дури ги осудиува другите, лицемер е.

Да ја испитаме својата совест, како го прифаќаме Словото Божјо – поттикна Светиот Отец и додаде: Во недела го слушаме за време на Литургијата. Ако го слушаме растресено и површно, нема многу да ни помогне. Меѓутоа, Словото Божјо треба да го прифатиме со отворен ум и срце, како добра почва, како би било прифатено и да донесе плод во конкретниот живот. Така самото Слово ќе го прочистува нашето срце и дела и нашиот однос со Бог и со другите ќе биде ослободено од лицемерие – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот