Од проповедта на Папата: Сите сме способни да соблазниме

Секој христијанин без разлика на неговото звање, треба да знае секогаш да простува и никогаш да не соблазнува, бидејќи соблазната ја уништува верата – рече папата Фрањо на светата Литургија на 10 ноември во капелата на домот Света Марта. Исус кој повеќе користи тешки слики отколку благи изрази вели дека е подобро да бидеш фрлен во море со воденички камен околу вратот отколку да соблазниш некого од најмалите. Папата Фрањо истакна три збора од денешниот евангелски дел: соблазна, простување и вера.

Тешко на оној преку кого доаѓаат соблазните – категорично вели Христос. Од друга страна свети Павле во Посланието до Тит точно го оцртува каков треба да биде стилот на животот на еден свештеник: не насилен, трезвен – со еден збор, непорочен; всушност спротивно од соблазната. Но тоа важи и за сите христијани – истакна Папата. Да соблазниш значи да исповедаш еден стил на живот – „христијанин сам“ – а потоа да живееш како поганин, кој не верува во ништо. Тоа соблазнува бидејќи недостасува сведоштвото.

Кога христијанинот оди во црква, а не живее доследно, соблазнува – продолжи Светиот Отец. Колку пати сме слушнале: „Јас не одам во црква, бидејќи е подобро да бидеш искрен дома отколку како оној или она кои одат во црква, а потоа го прават ова и она…“ Соблазната ја уништува верата! И заради тоа Исус е толку остар и вели: „Пазете на себе!“ Чувајте се! Денес би било добро тоа да го повториме: Пазете на себе. Сите ние сме способни да соблазниме.

Од друга страна сите треба да знаеме да простуваме. И тоа да простуваме секогаш – нагласи Папата, потсетувајќи на Исусовите зборови да му простиме на братот „седумпати на ден“, ако не замоли за прошка. Исус преувеличува за да ја сфатиме важноста на простувањето. Заради тоа христијанинот кој не може да прости соблазнување, не е христијанин. Треба да простуваме бидејќи нам ни е простено. Така Исус нè научи и во Оче наш, а тоа не може да се разбере со човечката логика според која не се простува, туку се осветува, се мрази, се разделува. Колку има разделени семејства заради непростувањето! Деца разделени од родителите, мажот и жената разведени – рече папата Фрањо, истакнувајќи ја важноста на подготвеноста на простувањето за да ни биде и на нас простено.

Затоа е јасно зошто учениците, слушајќи го тоа, му велат на Господ: умножини ја верата! Без верата не сме способни секогаш да простуваме како што се бара од нас и без вера не можеме да живееме, а да не соблазнуваме – истакна Светиот Отец. Само светлината на верата, онаа вера која ја примивме: верата во милосрдниот Отец, во Синот Кој за нас го даде својот живот, во Духот Кој е во нас и Кој ни помага да растеме: светлината на верата во Црквата, верата во народот Божји кој е крстен, свет. А тоа е дар: верата е подарок. Никој не може да стекне вера со книгите или со одење на конференции. Верата е дар од Бог и затоа апостолите го молат Исуса: „Умножи ни ја верата!“ – заврши на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот