Папата: Нашиот живот, драги свештеници не е професија, туку дарување

Папата: Нашиот живот, драги свештеници не е професија, туку дарување

Животот зборува повеќе од зборовите.

Во текот на пасторалната посета на Сицилија папата Фрањо во Палермо се сретна со свештениците, монасите и монахињите. Едноставно свештеник, вистински свештеник; тоа бил дон Пино Пуглиси – рече Папата и од неговиот живот истакна три клучни зборови: да се слави, придружува и сведочи; тие помагаат за целосно предавање на Бог и на браќата и го означуваат идентитетот на оној кој се посветува на Господ.

Потсетувајќи на зборовите кои секој свештеник ги изговора во евхаристиската молитва: „Примете јадете од ова сите: ова е моето тело кое за вас се предава“ Светиот Отец рече дека тие се зборови на славење, но не смеат да останат на олтарот, туку мора да се спуштат во животот затоа што тие се нашата секојдневна животна програма. Нѐ потсетуваат дека свештеникот е човек кој се дарува секој ден, без одмор. Нашиот живот, драги свештеници не е професија, туку дарување; не е занимање, туку послание.

Но, повикот на простување е упатен до сите – рече папата Фрањо и продолжи: Силата на вас свештениците, монасите и монахињите, богопосветените лица е тука присутна, а тоа значи молете се за оние кои прават зло, како што молеше Исус. Потребно е секој ден да се прашуваш: Дали денес го дадов својот живот од љубов кон Господ, дали дозволив браќата да ме „јадат“? Свештеникот е човек кој се дарува, човек на простувањето. Зборовите: „те разрешувам од твоите гревови“ потврдуваат дека свештеникот е човек на простувањето, повикан да ги овоплоти тие зборови.

Свештеникот не носи во себе горчина, не мисли на она што не го примил, не враќа на злото со зло – рече Папата и напомена: Свештеникот е носител на Исусовиот мир; благодатен, милосрден, способен да им простува на другите како што Бог им простува преку него. Носи слога таму каде што е поделба, хармонија каде има кавга, мир каде има непријателство. Сеењето плевел предизвикува поделба; да озборуваш и навредуваш значи да го негираш свештеничкиот идентитет, идентитет на луѓе на простувањето, богопосветени, луѓе на заедништвото.

Животот и литургијата не можат да одат по различни колосеци. Свештеникот е Божји човек 24 часа дневно, а не човек на светото само кога ја носи литургиската облека – нагласи Светиот Отец и потоа ја спомна народната побожност, која е многу раширена во Сицилија, и ја окарактеризира како богатство кое треба да се почитува и чува. Внимателно бдејте народната побожност да не ја искористува мафијата затоа што тогаш наместо да биде средство за обожавање, станува средство за расипан занес, а тоа сме го виделе во медиумите кога верниците носејќи ја статуата на Пресвета Богородица застанаа и се наклонија пред куќата на шефот на мафијата. Не, тоа не е во ред, тоа е целосно недозволено!

Глаголот „придружува“ е клучниот збор кој означува што денес значи да се биде пастир затоа што ни треба свештеници кои изразуваат близина како дон Пино Пуглиси – рече папата Фрањо. Патот на средба, слушање и меѓусебно делење тоа е патот на Црквата. Близината е зборот кој треба да се нагласи затоа што тоа е она што Бог го направи; станува наш ближен негирајќи се самиот себе и откажувајќи се од самиот себе.

Папата потоа им се обрати на монасите и монахињите зборувајќи им за вредностите и големината на нивното послание. Дали мислите вие монаси и монахињи дека сте слика на Црквата, затоа што Црквата е жена, Христова свршеница; вие сте сликата на Црквата, дали мислите на тоа дека сте слика на Пресвета Богороидица која е мајка на Црквата? Вашето мајчинство прави многу добра. Важно е да сте вклучени во пасторалот за да го откриете лицето на Црквата како мајка. Важно е епископите да ве повикаат за разни пасторални совети, затоа што секогаш е важен гласот на жената, гласот на богопосветените.

Третиот клучен збор е „да се сведочи“ – рече Светиот Отец и истакна: Животот зборува повеќе од зборовите. Сведоштвото е заразно. Сведоштвото кое го бара Евангелието значи да се служи во едноставноста. Црквата не е над светот, тоа е клерикализам. Црквата е во светот како квасец во тестото. Затоа е потребно да се отфрли секој облик на клерикализам.

Нека во вас нема надуваност и силење. Па и клерикализмот и напредувањето со помош на семејните врски се непријатели кои треба да се отфрлат затоа што нивната логика е логиката на моќта, а свештеникот не е човек на моќта, туку на служењето. Да се сведочи значи да се избегнува секој вид на двоен живот, во семинарија, во монашки и свештенички живот. Сакам да бидете сведоци на надежта – рече папата Фрањо и заврши со зборовите на дон Пино Пуглиси: Надежта е Христос, а се покажува преку сопствениот живот свртен кон Христос.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот