Католици.мк: Божиќна духовна обнова
Во молитвата до Светиот Дух, Царе небесни, молиме да нѐ очисти од секаква нечистотија, а поврзано со Псалмот 103,30: Го праќаш ли духот Свој – се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата нѐ повикуваат на обнова. Светиот Дух е Обновител. Затоа сме и тука со силата на Светиот Дух духовно да се обновиме, да го обновиме најпрво нашето лице, кое е создадено според лицето и подобието Божјо, а преку нас и лицето на земјата.
Денеска тука поминува Господ со својот Свет Дух. Во една од своите катехези на плоштадот Свети Петар папата Фрањо ќе каже: Токму овие денови пред Рождеството Христово, Исус поминува и чука; очекува прием и ДА како она на Марија. Еден светец зборувал дека се плаши Господ да не помине. Знаете ли зошто се плашел? Се плашел дека Господ ќе помине, а тој да не го забележи и ќе го пушти да помине… Кога во срцето ќе почувствуваме дека сакаме да бидеме подобри – каејќи се за она што сме го направиле – Господ тогаш чука. Ти дава да ја почувствуваш волјата за да бидеш подобар; да им бидеш близу на луѓето и на Бог… Ако тоа го почувствуваш стани… Тука е присутен Господ. Оди на молитва или можеби на исповед. Ако почувствуваш волја да станеш подобар или подобра, Оној е Тој Кој чука; не му дозволувај да помине.
Не смееме да му дозволиме Господ да помине, а без да застане над нас. А да застане Господ над нас, да го сврти својот милостив поглед кон нас и да ни каже: Стани, ослободен си од своите гревови, Бог од нас бара денес да го отвориме срцето за Него. А отворено срце ќе добиеме ако се впуштиме длабоко во нашата внатрешност и ако дозволиме Светиот Дух да ни зборува, да ги именува, да ги набројува сите нашите слабости, падови, гревови и притоа да не го попречуваме, да оставиме да ни зборува до крај, да ни ни каже сѐ. Но и да не се препуштиме Искушувачот да не оправдува, да преовладвуа расположението дека сме најдобри, незаменливи, дека за одредена ситуација немаме никаква вина,….. Да, Бог бара да ги симнеме маските од своите лица, кои често не прават да бидеме лицемери и вешто се сокриваме зад нив. Да молиме Светиот Дух да ни помогне да бидеме повторно луѓе со образ, според кој нѐ создаде Творецот, а не безобразни.
Во наредните денови неколку библиски ликови од евангелскиот настан за Рождеството Христово ќе ни помогнат во размислувањата на оваа наша духовна обнова.
к.мк/Пишува: о. Гоце Костов
Со Католици.мк на Божиќна духовна обнова: Ликот на Ирод
Со Католици.мк на Божиќна духовна обнова: Ликовите на Мудреците