Папата Фрањо го посети сиромашниот кварт Варгиња

Рио де Жанеиро, 25.7.2013 /к.мк/ – По обредот на предавање на клучевите во општината Рио и благословот на олимпиското знаме, Светиот Отец во четврток 25 јули на фудбалско игралиште се сретна со населението на квартот Варгиња. Обраќајќи им се на присутните Светиот Отец рече дека планирајќи ја својата посета на Бразил сакал да ги посети сите делови, да чукне на секоја врата и да каже „Добар ден!, барајќи чаша вода, да се напие кафе, по домовите да празговара со пријателите, слушајќи го секое срце: на родителите, децата, бабите и дедовците, но тоа не е можно. Вашата заедница ги претставува сите краеви на Бразил, продолжи Папата.

Меѓу вас се чувствувам прифатен, а важно е да се прифати другиот. Кога великодушно ги прифаќаме луѓето и со нив делиме нешто, малку храна, својата куќа, своето време, не стануваме сиромашни, туку се збогатуваме. А како вели народната мудрост: „Секогаш може да се додаде малку вода во гравот“, а вие тоа го цените со љубов, разбирајќи дека вистинското богатство не е во нештата, туку во срцето, истакна папата Фрањо. Папата истакна дека бразилскиот народ, посебно обичните луѓе, можат на светот да му понудат скапоцена поука за солидарност, која често се заборава и премолчува бидејќи не е згодна. Не изморувајте се да се залагате за поправеден и посолидарен свет.

Секој, според своите можности и одговорности, нека придонесе да им се стави крај на бројните општествени неправди. Не изградува подобар свет културата на егоизмот, на индивидуализмот, кој често управува со нашето општество, туку културата на солидарноста; на ближниот не треба да се гледа како на противник или број, туку како на брат, истакна Светиот Отец. Папата го охрабри обидот на бразилското општество да им обезбеди на сите подобри животни услови, исто така и на тие што трпат и тие што имаат потреба, борејќи се против гладот и сиромаштијата. Ниту еден напор за помирување нема да биде долготраен, нема да има рамнотежа во општеството што занемарува, отстранува и во перифериите напушта еден дел од себе. Се збогатуваме само ако сме подготвени навистина да делиме, сѐ она што се дели се умножува.

Големината на некое општество се мери по тоа како постапува со оние во потреба, истакна папата Фрањо. Говорејќи, пак, за Црквата, Папата рече дека Црквата сака да соработува во секој потфат за вистински развој на секој човек. Нема вистинско поттикнување на заедничкото добро, ни вистински развој на човекот ако се занемаруваат темелите што ја држат една држава, односно нејзините нематеријални богатства: животот, кој е дар Божји, вредност достојна за заштита и поттик; семејството, темел на соживот и лек против рушење на општеството; потполно воспитување кое не се сведува само на пренесување информации со цел да се дојде до профит; здравјето, кое треба да тежнее кон целосна благосостојба на личноста, исто така, и на духовната димензија, важна за човечката рамнотежа и за здрав соживот; сигурноста, верувајќи дека насилството може да се победи само ако се тргне од промена во човечкото срце, истакна Папата.

На крајот од говорот Папата директно им се обрати на младите говорејќи: Имате посебно чувство против неправдите, но често сте разочарани од настаните што зборуваат за корупција, од луѓето кои наместо заедничкото добро настојуваат да ги задоволат личните барања. Не обесхрабрувајте се, не губете надеж, не дозволувајте таа да згасне. Стварноста може да се промени, човекот може да се промени. Настојувајте, вие, први да правите добро, не навикнувајте се на зло, туку настојувајте да го победите. Не сте сами, Црквата е со вас, со вас е Папата, истакна Папата, и потоа целата заедница ја довери под заштита на Богородица од Апарецида, Мајката на сите бразилски сиромаси. (В.Н.)

Категорија: Uncategorized

За авторот

Write a Comment

<