Сочувство на Папата за жртвите од пожарот на Хаваите

Сочувство на Папата за жртвите од пожарот на Хаваите

По повод страшниот пожар на хавајскиот остров Мауи, папата Фрањо испрати телеграма со сочувство до нунцијот во Соединетите Американски Држави, потпишана од државниот секретар кардинал Паролин. Папата ги ветува своите молитви и солидарност за семејствата на загинатите, исчезнатите и за персоналот кој обезбедува помош. Во меѓувреме на островот е прогласена вонредна состојба. Гувернерот на Хавајските острови изјави дека околу илјада луѓе се недостапни.

Папата Фрањо изрази жалење за загинатите и бројните исчезнати во страшниот пожар на островот Мауи, на Хавајските острови, кој практично целосно го уништи историскиот град Лахаина, еден од „бисерите“ на океанот и позната туристичка дестинација. Во телеграмата потпишана од државниот секретар на Папата, кардиналот Пјетро Паролин, упатена до апостолскиот нунциј во Соединетите држави, Кристоф Пјер, кардинал од следниот конзисториум во септември, Светиот Отец пишува дека со длабока тага ја примил веста за загуба на човечки животи и штети предизвикани од пожарите на Хаваите на островот Мауи.

Солидарност со оние кои страдаат

Папата Фрањо потоа ја изразува својата солидарност со оние кои страдаат поради оваа трагедија, особено со оние чии најблиски загинале или се водат како исчезнати. Токму за загинатите, ранетите и прогонетите Папата ги ветува неговите молитви, како и за персоналот на институциите за кризни ситуации вклучени во спасувањето и помошта. Во знак на духовна близина, Папата моли за сила и мир од Семоќниот Бог.

Штети и исчезнати лица

Во меѓувреме на целиот остров е прогласена вонредна состојба и не се препорачува патување. Властите на округот Мауи јавија за 53 смртни случаи. Што се однесува до градот Лахаина, повеќе од 1.770 згради во историскиот центар се уништени, а многу негови жители побегнале во морето за да се спасат од пожарот. Сведоците зборуваат за апокалиптични сцени. Гувернерот на Хаваите, Џош Грин, потврди дека околу 80% од градот е уништен – како што рече – како да бил погоден од бомба. Дополнително, тој рече дека најверојатно бројот на жртвите значително ќе се зголеми и дека во овој момент околу илјада луѓе се недостапни.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Uncategorized, Ватикан, Вести

За авторот