Папата Фрањо го реформира кривичниот систем во Ватикан
Ватикан, 12.7.2013 /к.мк/ – Во четврток 11 јуни Ватиканскиот прес центар го објави Апостолското писмо на папата Фрањо (Мotu proprio) со кое се воведуваат измени во кривичната сфера и административните санкции во Ватиканската држава и Светата Столица. Соопштението од Ватикан објаснува дека новите норми се продолжение на активностите на Папата од почетокот на 2010 година.
„Во наше време општото добро сѐ повеќе е загрозено од транснационалниот организиран криминал, неправилната употреба на пазарот и економијата, како и од тероризмот – пишува папата Фрањо во документот. Затоа е неопходно меѓународната заедница да усвои соодветни правни средства кои овозможуваат превенција и борба против криминалот, давајќи им предност на законодавната соработка во областа на кривичното право“.
Папата појаснува дека со ова Апостолско писмо Светата Столица ги нагласува „напорите за соработка во реализацијата на овие цели“. Целта на новите норми е да се прошири примената на веќе одобрените закони од Папската комисија за Ватиканската Држава, кои влегуваат во контекстот на бројните меѓународни конвенции потпишани од Светата Столица. Меѓу нив Конвенцијата од Женева против воени злосторства (1941); Меѓународната конвенција за елиминирање на сите форми на расна дискриминација (1965); Конвенцијата против тортурата и други злосторства (1984) и Конвенцијата за правата на детето (2000).
Исто така беа воведени норми за злосторства против човештвото на кои е посветена посебна глава во документот на Папата. Предвидени се посебни казни за геноцид и апартхејд, следејќи ги упатствата на Статутот на Меѓународниот кривичен суд (1998). Освен тоа се разгледани и злосторствата против јавната администрација во врска со Конвенцијата на ООН против корупција (2003). Донесена е одлука и за укинување на доживотната казна, заменувајќи го со затвор од 30 до 35 години.
Во согласност со меѓународните норми се воведува и санкционирање на правните лица за случаите во кои тие профитираат од криминални активности извршени од нивни органи или вработени. Овен тоа се воведени и општи принципи за фер судење и презумпцијата на невиност на обвинетиот до докажување на вината.
Ватиканското соопштение потврдува и еден „многу важен сектор од реформата“ – Редефинирање на Правилникот за меѓународно правна соработка, со примена на соодветни мерки по најновите меѓународни конвенции.
„Сите нормативни новини се во насока на обнова, за поголема систематичност и комплетност на ватиканскиот правен систем“, се наведува на крајот од соопштението. (В.Н.)