Примајќи ги во аудиенција учесниците на конференцијата насловена „Светоста денес“, организирана од Дикастеријата за прогласување на светци, Папата истакна дека светоста е радост, а не одрекување, напор и малодушност. Светецот кој е тажен е тажен светец, рече Папата, и им препорача мудро и проникливо расудување на оние кои се занимаваат со квалитетот на гласот на светоста.
Папата Фрањо во четврток 6 октомври 2022 година во Ватикан ги прими учесниците на конференцијата насловена „Светоста денес“, која од 3 до 6 октомври 2022 година се одржуваше во Патристичкиот институт „Августинјанум“. Станува збор за важен настан организиран од Дикастеријата за прогласување на светци, каде се собраа експерти, научници и постулатори за да ја анализираат актуелната дефиниција на херојските крепости и гласот на светоста во дигиталната ера. Обраќајќи им се Светиот Отец спомна големи светци како Иван Павле II, Карло Акутис и свети Фрањо, но најмногу се задржа на „малите“ светци, оние „од соседството“; луѓе кои на крајот се нормални, кои припаѓаат на Божјиот верен народ и кои се вклучени во секојдневниот живот кој се состои од семејство, учење, работа, социјален, економски и политички живот.
Гласот на светоста
Во својот говор Папата се фокусираше на гласот на светоста и во светлина на новите технологии и социјалните мрежи кои можат да доведат до опасност од форсирање и мистификација, зад кои се кријат не толку благородни интереси. Гласот на светоста не доаѓа првенствено од хиерархијата, туку од верниците. Божјиот народ, во нивните различни компоненти, е протагонист на гласот на светоста, односно заедничкото мислење што се шири меѓу верниците за целокупниот живот на личноста, сфатен како сведок на Христос и евангелските блаженства.
Ризици од дигиталните медиуми и социјалните мрежи
Сепак, Светиот Отец препорачува да се провери дали овој глас на светоста е спонтан, постојан, стабилен и раширен во поголемиот дел од христијанската заедница. Вистина е кога се спротивставува на промените на времето, на моменталната мода и кога секогаш дава здрави ефекти за сите, како што можеме да видиме во народната побожност. Во денешно време, правилниот пристап до средствата за комуникација може да го поддржи знаењето за евангелиското искуство на кандидатите за беатификација или канонизација. Но, при користењето на дигиталните медиуми, особено на социјалните мрежи, може да постои ризик од форсирање и мистификација наметната од не многу благородни интереси.
Поради оваа причина, потребно е мудро и проникливо расудување од страна на сите оние кои се занимаваат со квалитетот на гласот на светоста. Важно е секоја конкретна Црква да внимава и да ги забележува и вреднува примерите на христијанскиот живот созреани кај Божјиот народ кој отсекогаш имал посебен „вкус“ за препознавање на овие модели на светост, извонредни сведоци на евангелието – рече Папата.
Радост, а не малодушност
Осврнувајќи се потоа на уште еден фактор кој е фундаментален за препознавање светец или светица, а тоа е радоста, без која – како што рече – верата се сведува на нешто тажно и заморно. Светиот Отец истакна дека човек, кој е малодушен не може да стане светец. Имено, она што е потребно е радосно срце отворено за надежта.
Пример за таква светост, богата со добро расположение, ни дава новиот блажен Иван Павле I., блажениот Карло Акутис е и модел на христијанска радост за децата и младите, а во својот евангелски парадокс, секогаш сите нас не изградува – како што рече Светиот Отец – од совршената радост на свети Фрањо Асишки.
Светоста не е програма на труд и одрекување
Посочувајќи дека светоста не е програма на труд и одрекување, дека не е духовна гимнастика, Римскиот епископ рече дека светоста е пред сè искуството дека Бог нè љуби, дека ја добиваме неговата љубов, неговата милост бесплатно. Овој божествен дар нè отвора за благодарност и ни овозможува да доживееме голема радост што не е моментално чувство или едноставно човечки оптимизам, туку сигурност дека можеме да се соочиме со сè со благодатта и храброста што доаѓаат од Бога.
Светците се скапоцени бисери; тие се секогаш живи и актуелни, никогаш не ја губат својата вредност (…). Нивниот живот е како катехизам во слики, илустрација на Радосната вест што Исус му ја донесе на човештвото: Бог е наш Отец и сите нас нѐ сака со бескрајна љубов и бескрајна нежност – рече папата Фрањо и на крајот посака: Нивниот пример нека ги просветли умовите на жените и мажите на нашето време, оживувајќи ја верата, поттикнувајќи надеж и ширејќи љубов, така што сите ќе се чувствуваат привлечени од убавината на Евангелието и никој да не се изгуби во маглата на бесмисленоста и очајот.
Ватикан њуз/к.мк