Папата до дипломатите во Ватикан: Културата на отфрлање е причината за конфликтите

Папата Фрањо на 12 јануари претпладне се сретна со дипломатскиот кор при Светиот Престол на традицинална божиќна честитка. Моментално 180 држави имаат дипломатски односи со Светиот Престол на кои треба да се додаде Европската Унија, Суверениот Воен Ред на Малта и како посебен случај Палестина. Денес сакам да оддекне, за нас многу саканиот збор: мир! – истакна Светиот Отец по повод обраќањето до дипломатите. Но, со сликата на јаслите која означува мир стои и драматичната реалност на отфрлање – предупреди. И денес постои склоноста на отфрлање, која нè наведува да не гледаме на ближниот како на брат кој треба да го прифатиме. Се работи за „менталитет кој создава култура на отпад, во која никој и ништо не штеди“, додека конечно не произведе „насилство и смрт.“ Таквата култура создава рането човештво и постојано со тензии и конфликти го ранува. Пример за тоа е цар Ирод кој – бидејќи се почувствувал загрозен со Исусовото раѓање – дава да се убијат сите деца во Витлеем. Имајќи го ова во предвид, Папата потсети на Пакистан каде што пред месец дена „со невидена бруталност се масакрирани“повеќе од стотина деца.

Папата уште еднаш предупреди на состојба налик на „светска војна во делови“, наведувајќи ја Украина како „драматична сцена на конфликт“, со надеж дека по пат на дијалог ќе се прекинат непријателствата. Важен дел од говорот на Папата на дипломатскиот кор се однесуваше на Блискиот Исток и Светата Земја, за чиј мир – според неговите зборови – не треба никогаш да се измориме да молиме, а со оглед на последиците од состојбата во Сирија и Ирак, со оглед на ширењето на фундаменталистичкиот тероризам, истакна дека е „застрашувачки.“

За тероризмот Папата тврди дека е „последица на културата на отфрлање, применета на Бог.“ Верскиот фундаментализам, „пред да го отфрли човечкото битие правејќи ужасни масакри, го отфрла самиот Бог,“ правејќи од него само идеолошки изговор. Пред неправедната агресија која ги погодува христијаните и другите етнички и верски групи – како јазидите – потребен е еднодушен одговор кој ќе го запре ширењето на насилството – рече Папата, повикувајќи ја меѓународната заедница и владите на поедини држави да преземат конкретна иницијатива за мир и одбрана на оние кои трпат. „Блискиот Исток без христијаните би бил изопачен и осакатен“ – повтори папата Фрањо.

Светиот Отец не пропушти да се осврне и на тешката состојба на конфликтите во афричките земји, особено во Нигерија, осудувајќи го „ужасното тргување“ со млади девојки кои се киднапирани од исламската фундаменталистичка група Боко Харам. Истото се споменува и за Центално Африканската Република, Судан, „Рогот на Африка“ и Демократската Република Конго. Војните за жал обележува и „ужасното злосторство“ силување – „најтешкото дело против достоинството на жената.“

На културата на отпадот спаѓа и нехуманиот однос кон болните, кои често се изолирани како губавите кои се спомнуваат во Евангелието, а денес тоа се жртвите на вирусот на ебола. Папата затоа изрази благодарност до сите здравствени работници. Меѓу последиците на овие конфликти спаѓа и присилниот прогон на илјадници луѓе од нивните домови кои потоа често го губат животот и подложени се на злупотреба на вистински мачители водени од алчноста за пари.

„Средоземното Море не може да стане големи гробишта“ – повтори Папата, истакнувајќи дека е потребна грижа, внимание и заштита за бројните бегалци деца. Постојат – продолжи папата Фрањо – и „сокриени бегалци“ кои живеат во нашите домови: старите, болните и младите – млади на кои им се одзема конкретната перспектива за работа. „Нема полошо сиромаштво од она кое лишува од работа“ го претвора во облик на ропство и заради алчност „експлоатираат деца.“ Тоа е последица на менталитетот кој – спротивно на човечкото достоинство – во центарот ги става парите. Папата предупреди дека и семејството е изложено на погледот на светот на отпад во индивидуалистича култура која води до „драматично опаѓање на стапката на раѓање и законодавство кое дава привилегија на разни облици на кохабитација наместо соодветно да го поддржи семејството за благосостојбата на целото општество.“

Светиот Отец потсети на потребата на почитување на младите, настојувајќи да го пренесеме нашето наследство и да го примениме на предизвиците на денешницата. Тоа пак бара да размислиме колку успешно ги пренесуваме нашите вредности на идните генерации и каков свет ќе им дадеме во наследство.

Наведувајќи го сето тоа Папата истакна дека сепак не сака неговиот поглед на почетокот на годината да владее песимизам. Затоа Му заблагодари на Бог за многуте дарови, средби, разговори и над сè за „плодовите на мирот“. Во тој дух го истакна мирниот соживот во Албанија по раната на неодамнешната историја на комунистичкото владеење на теророт. Го спомна и екуменизмот и меѓурелигискиот дијалог – особено во Турција – и „духот на прифаќање“ на небројни бегалци во Јордан. Како пример на дијалог кој гради мостови, Папата се присети на неодамнешната одлука за воспоставување на односи на Куба и Соединетите Држави, затварањето на притворите во Гвантанамо како и сите позитивни промени во државите во светот.

Папата Павле VI пред педесет години, по повод посетата на Обединетите нации повика:„Никогаш повеќе војна! Мирот треба да ја води судбината на народите и целото човештво.“ Со таа надеж за мир на ум, Светиот Отец го спомна продолжението на два „значајни процеси“ при Обединетите нации: составување нацрт за развој по 2015 година и составување нацрт за нов договор за климатските промени. „Неизбежна претпоставка на сето тоа е мирот кој е повеќе од прекинување на сите војни, плод на вистинско обраќање“ – нагласи Папата на крајот при обраќњето до дипломаскиот кор.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот