Папата: Христос царува на поинаков начин

Во наговорот пред Богородичната молитва на плоштадот Свети Петар, Папата зборуваше за Христовото царство, а по молитвата потсети дека вчера во Барселона за блажени беа прогласени Федерико да Берга со 25 придружници маченици убиени во Шпанија минатиот век во текот на суровиот прогон на Црквата.

На последната недела од литургиската година го славиме празникот на нашиот Господ Исус Христос Цар на вселената. Евангелието ни говори за Исус Кој пред Пилат се претставува како Цар на царство кое не е од овој свет (Ив 18, 36). Тоа не значи дека Христос е цар на некој друг свет, туку дека е цар на поинаков начин – рече Папата додавајќи:

Станува збор за спротивставеност на две логики. Световната логика која се потпира на воздигање и ривалство, се бори со оружјето на стравот, уцени и манипулирање со совеста. Евангелската Исусова логика напротив се покажува во понизноста и бесплатноста, тивко и ефикасно се потврдува со силата на вистината. Овоземските царства понекогаш се одржуваат со насилство, ривалство и угнетување. Царството Христово е царство на праведноста, љубовта и мирот – истакна Папата.

Исус во настанот на крстот се објави за цар! Кој го гледа Христовиот крст не може да не ја види чудесноста на „бесплатната љубов“. Да се зборува за моќта и силата значи за христијаните да се мисли на моќта на Крстот и силата на Исусовата љубов кој дури и при одбивањата е цврста и непоколеблива, а која се покажува како исполнување на животот потрошен во целосно себедарување за човештвото.

На Голгота минувачите и поглаварите го исмејувале Исус, кој е прикован на крстот: „спаси Себеси и слези од крстот“ ( Мк 15, 30). Парадоксално, вистината за Исус е токму она што го зборувале неговите противници кога го исмевале: … „Себе не може да се спаси“ ( Мк 15, 31). Исус да слегнел од крстот би попуштил на искушението на кнезот на овој свет; напротив Тој себе не се спасува токму затоа да може да ги спаси другите, за да може сите нас да нѐ спаси од гревот – објасни Папата.

Тоа го сфатил еден од разбојниците кој со него бил распнат наречен „добриот разбојник“ кој го моли: Исусе сети се на мене кога ќе дојдеш во твоето Царство (Лк 23, 42). Љубовта е силата на Христовото царство: затоа Исусовото царствено достоинство не угнетува, туку ослободува од нашите слабости и беда поттикнувајќи нè да одиме по патиштата на доброто, помирувањето, простувањето. Христос е Цар кој не господари, не се однесува кон нас како кон потчинети, туку нè воздигнува до своето достоинство. Ни овозможува со Него да царуваме, бидејќи, како што вели Книгата откровение „нè направи пред Бога и својот Отец цареви и свештеници“ (1, 6) – рече Светиот Отец додавајќи:

Да царуваш како Него значи да служиш на Бог и браќата: таа служба произлегува од љубовта. Да служиш од љубов значи да царуваш: тоа е Исусовото царско достоинство. Пред многу уништувања во светот и бројните рани во човечкото тело да ја молиме Дева Марија да нè поддржи во нашето наследување на Исус нашиот Цар со гестови на нежност, разбирање и милосрдие да го промовираме Неговото царство – заврши Светиот Отец, а потоа ја предводеше маријанската молитва.

По молитвата Папата потсети дека вчера во Барселона за блажени се прогласени Федерико да Берга и дваесет и пет придружници убиени минатиот век во Шпанија во текот на суровиот прогон на Црквата. Станува збор за свештеници, посветени монаси и монахињи кои го очекувале свештеничкото ракополагање и браќа лаици од редот на Малите браќа капуцини. На нивниот заговор да ги довериме своите бројни браќа и сестри кои за жал и денес во разни делови од светот се прогонувани заради нивната вера во Христос.

Поздравувајќи ги сите поклоници од Италија и од другите земји, парохиските групи и здруженија и музички групи кои ја слават својата небесна заштитничка света Сисилија – Папата на сите им посака пријатна недела и од собраните побараза него да молат.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот