Папата Фрањо пристигна во Казахстан

Папата Фрањо пристигна во Казахстан

Започна 38. Апостолско патување на папата Фрањо – три дена во Нур-Султан, главниот град на Казахстан, во срцето на Азија, каде ќе учествува на Конгресот на поглаварите на светските и традиционалните религии. Тоа ќе биде повод, како што рече во неделното пладневно обраќање, за братски дијалог поттикнат од заедничката желба за мир, за кој нашиот свет е жеден.

Гулаб, маслиново гранче, споени раце, рацете на гласниците на мирот и единството – ова се симболите на логото и мотото на 38. Апостолско патување на папата Фрањо во Централна Азија, во Казахстан. Посетата започна во вторник 13 септември 2022 година и ќе трае до 15 септември. Причината за патувањето е учество на 7. конгрес на поглавари на светски и традиционални религии, кој има за цел да го потврди позитивниот придонес на верата за хармонија меѓу народите.

Меѓутоа, Папата отпатува за Казахстан и за да се сретне со малата локална католичка заедница и да ги охрабри и обнови во верата. Тоа е мала заедница, помалку од 1% од 19 милиони жители, но почитувана во таквиот разновиден религиозен и културен контекст.

Поаѓање

Околу 6.30 часот, Папата со автомобил го напушти домот Света Марта и се упати на аеродромот Фиумичино во Рим. Авионот полета околу 7.36 часот, во правец на Нур-Султан, главниот град на Казахстан, кој до март 2019 година се викаше Астана.

Поздрав до новинарите во авионот

Како и на секое патување, папата Фрањо ја пречека групата од околу 80 новинари кои го придружуваа на патувањето. „Добро утро, многу ви благодарам за присуството и помошта на ова патување“, рече Светиот отец. „Ви посакувам среќен пат и добра работа! Ќе разговараме на враќање; ви благодарам и имајте убав ден“. Потоа, по обичај, направи обиколка и се поздрави со секој новинар и снимател во авионот и покрај тоа што некој од присутните го предупреди дека тоа е напорно за десното колено, што му направи неколку проблеми во последните месеци. Папата одговори со шега, велејќи дека сака да ја направи таа „жртва“.

Желба да ја посети Кина

Светиот Отец потоа одговори на прашањето на дописникот на Ла Кроа, кој побара потврда за можна средба, во следните денови, со кинескиот претседател Си Џинпинг, кој е во државна посета на Казахстан и Узбекистан, а утре, среда, септември 14, тој ќе биде во Нур – Султан, каде ќе се сретне со претседателот Токаев.

Папата Фрањо рече дека нема вести за патувањето на претседателот Си Џинпинг, но повтори дека тој секогаш е подготвен да оди во Кина. Ова е желба што тој веќе ја изразил во неколку наврати, посебно за време на неговите Апостолски патувања во Јужна Кореја (2015), Соединетите Американски Држави (2015) и Јапонија (2019), кога за време на прес-конференциите на враќање, на поттик од новинарите на таа тема, секогаш ја изразува својата наклонетост кон кинескиот народ и почит кон историското и културното наследство, и рече дека е подготвен да оди во Пекинг „веќе утре!“.

Први средби

Слетувањето е закажано во 17.45 минути, односно во 13.45 часот по средноевропско време, но авионот слетал малку порано. На аеродромот папата Фрањо беше пречекан од претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт К.Токаев, кој го придружуваше до ВИП салонот, каде што беше остварена кратка средба и поздрав со делегациите.

Папата ќе го одржи својот прв официјален говор во концертната сала Qazaq, центар за уметност и забава, проектиран од италијански архитекти и замислен како „степски цвет“. Светиот Отец ќе зборува во присуство на претставници на владата, граѓанскиот сектор и дипломатскиот кор. Денот ќе заврши со патување во нунцијатурата, каде Папата ќе престојува сите три дена за време на посетата на Нур-Султан.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот