Светиот Отец: Само во името Исусово е спасението

Ватикан, 5.4.2013 / к.мк/ – Само во името Исусово е спасението: тоа беше акцентот во кратката проповед на папата Фрањо, за време на Литургијата, која ја служеше ова утро во капелата на домот Света Марта во Ватикан. На богослужбата зедоа учество претставници од Апостолската палата и Ватиканската аптека.

 Во краткото размислување Папата се задржа на читањата од петтиот ден на Воскресението Христово, при што потсети на зборовите на свети Петар дека сме спасени само во името на Исус: „Нема спасение во никој друг, ниту има друго име”. Свети Петар, кој се одрече од Исус, сведочи храбро во затворот пред јудејските старешини и управници, објаснувајќи „дека преку името на Исус, сакатиот човек е исцелен” – истакна папата Фрањо Тоа е „името кое нé спасува”. Но Петар го изговара тоа име, бидејќи „е исполнет со Светиот Дух”. Така и ние „ако не сме исполнети со Светиот Дух, не можеме да исповедаме и да се зборува за Исус. Светиот Дух е тој кој нé поттикнува да исповедаме и да говориме за Исус и да Му веруваме. Исус е во нашите животи и засекогаш е на нашиот пат”.

 Папата сподели и една приказна, за еден човек, татко на осум деца, кој триесет години работи во куријата во Буенос Аирес. Пред да започне да ги извршува своите работни обврските кои му се дадени, тој секогаш ќе кажеше „Исусе!”. Еден ден, го прашав: „зошто секогаш велиш „ Исусе”? А тој ми одговори: „Кога велам „Исусе” се чувствувам силен, чувствувам дека можам да работам, и знам дека Тој е до мене и ме штити”.

 Овој човек, истакна Светиот Отец, „никогаш не учел теологија и поседува само благодат од Крштението и силата на Светиот Дух. Ова сведоштво нé потсетува дека во свет, во кој ни се нудат бројни спасители, само името на Исус може да нé спаси “. Многумина, истакна Папата, за да се разрешат нивните проблеми прибегнуваат кон бајачки и гатачки. Но само Исус нé спасува и „треба да сведочиме дека Тој е единствениот Спасител”. Дева Марија е таа која ни го дарува Исус, како што и направи во Кана Галилејска, кога рече на присутните: „Направете сé што ќе ви каже!”. „Да му се довериме, да го повикуваме името на Исус и да му дозволиме на Светиот Дух да нè поттикнува и да се молиме со доверба во името на Исус!”, рече на крајот папата Фрањо.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<