Папата го прогласи свети Гргур од Нарек за црковен научител

И денес го слушаме пригушениот и заборавениот крик на безпомошните браќа и сестри, кои поради нивната вера во Христос или етничкото потекло, јавно и немилосрдно се убиваат, обезглавуваат, распнуваат и живи се палат или се присилуваат да ја напуштат својата татковина.

И денес проживуваме еден вид на геноцид, чија причина е општата и колективна рамнодушност, рече Папата во поздравот до ерменските верници пред денешната Литургија во базиликата Свети Петар, за време на која монахот, свети Гргур од Нарек беше прогласен за црковен научител и со која се обележа стогодишнината од „Големото злосторство“, масакрот врз Ерменците во кој страдаа околу 1,5 милион луѓе.

„Минатиот век нашето човечко семејство проживеа три големи трагедии без преседан. Првата, која нашироко се смета за „прв геноцид во дваесетиот век“ го погодила вашиот сопствен, ерменски народ, првата христијанска нација, како и католичките и православните Сиријци, Асирци, Калдејци и Грци. Се убивало епископи и свештеници, монаси, монахињи, жени и мажи, старци и старици, па дури и безпомошни деца и болни“, забележи Папата.

„Другите две трагедиии се злочините на нацизмот и сталинизмот, а неодамна имаше и други масовни убиства, како што беа тие во Камбоџа, Руанда, Бурунди и Босна“, истакна Папата.

„Драги Ерменски христијани, денес, со болно срце, но истовремено, и со голема надеж во Воскреснатиот Господ, се сеќаваме на стогодишнината од геноцидот, од тој трагичен настан, тоа неизмерливо и безсмислено истребување, чија суровост ја претрпеа вашите претци“, рече Светиот Отец, истакнувајќи ја должноста да им се оддаде почит“, бидејќи каде бледее сеќавањето, злото не дава да се залечат раните. Да се сокрива или да се негира злото е како да оставаме раната да крвари, наместо да ја излечиме, нагласи Светиот Отец.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот