Обраќање на претседателот на Република Македонија, Неговата Екселенција,д-р Ѓорге Иванов, на татковинската прослава по повод канонизацијата на Мајка Тереза
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Ценети екселенции,
Драги пријатели,
Во годината на милосрдието, кога одбележуваме 11 века од упокојувањето на св. Климент Охридски и кога прославуваме четврт век од независноста на Република Македонија, ја имаме привилегијата да ја славиме канонизацијата на мајката на милосрдието, нашата сограѓанка Мајка Тереза.
Пред една недела, кога како претседател на Република Македонија ја предводев државно-црковната делегација на чинот на канонизацијата во Рим, ја почувствував привилегијата и честа да живеам во град што на светот му даде светица.
Но, кога зборуваме за Мајка Тереза, треба да знаеме како нашата сограѓанка стана светица на светот.
Драги сограѓани,
Во животот на секој човек, на секој еден од нас постојат нешта кои не зависат од нас. Родителите од кои ќе произлеземе. Денот кога ќе дојдеме и кога ќе си заминеме од овој свет. Татковината во која ќе се родиме. Времето во кое ќе живееме. Така е и со Мајка Тереза. Таа се роди како Агнеза токму тука, во Македонија, во срцето на Скопје, од татко Никола и мајка Дрона, посветени христијани-католици. Израсна во време кога нашата татковина Македонија сè уште не беше слободна.
Но, исто така, во нашите животи постојат нешта што зависат исклучиво од самите нас. Од вредностите што ќе ги прифатиме и според кои ќе живееме. Од животниот повик што ќе го следиме. Од наследството, заветот што ќе го оставиме.
Младата Агнеза растеше опкружена со сета етничка, верска, јазична и културна различност на Скопје, меѓу католичка и православна црква, муслиманска џамија и еврејска синагога. Таа ги прегрна вредностите на македонскиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Затоа, таа често велеше: „Ако не беше Скопје, ќе ме немаше и мене.“ Македонија и Скопје, со сета своја различност ја подготви младата Агнеза за многукратно поголемата различност на индискиот подконтинент.
Но, таа исто така неуморно го бараше својот животен повик. Уште во раната младост таа беше хумана и солидарна кон болните, бедните, напуштените… Во 1928 година таа целосно се предаде и се посвети на Божјиот повик за неа. Од Скопје преку Даблин, замина за Калкута, во далечната Индија, каде младата Агнеза стана сестра Тереза.
Во тоа време, речиси половина од 4-милионскиот град Калкута тонела во сиромаштија. Сиромашните квартови биле преплавени со бегалци, бездомници, сираци и питачи. Крвавите меѓурелигиски насилства биле речиси секојдневна појава. Болниците биле преполни. Луѓето умирале по калливите улици, од неухранетост и од лесно излечиви болести. Умирале без трошка човечко достоинство.
Почитувани сограѓани,
Ваквите предизвици се тест за секој човек, за секој еден од нас. Дали ќе ги ставаме потребите на другите пред нашите лични потреби и амбиции? Дали ќе зачекориме во неизвесноста на непознатото или ќе останеме во сигурноста на нашиот дом, град и татковина?
Сестра Тереза не избега од предизвикот. На 10 септември 1946-та, пред 70 години, обременета од ужасните глетки на човечката трагедија, сестра Тереза имаше моќна и трансформирачка визија за нејзиниот животен повик од Бог. Повик да основа мисионерски ред на милосрдието што ќе се грижи за најсиромашните од сиромашните. Да ги напои жедните, да ги нахрани гладните, да ги лекува болните и да ги вдоми бездомните, независно од нивната вера, јазик и култура.
Нејзината моќна визија набргу стана реалност. Редот на милосрдието растеше и по бројот на сестрите, но и по својата мисија, за да може да опфати што повеќе категории од најранливите членови на општеството.
Каде и да одела, ја опсипувале со прашања: Зошто го напуштила удобниот и сигурен живот и татковината? Зошто таа, христијанин-католик им помага на муслиманите, на хиндусите, на отфрлените? И кога и да ја прашале, таа одговарала дека во најбедните од бедните, во болните, напуштените и заборавените, таа го гледа лицето на Исус Христос. И дека сè што прави, таа прави за Него и поради Него.
И така, сестра Тереза стана позната како Мајка Тереза или мајка на милосрдието. Со нејзината отвореност, топлина и почит кон соговорникот, таа правеше секој човек да се чувствува прифатен. Со својата добрина, таа го поттикнуваше најдоброто кај луѓето. Успеа да досегне до сите луѓе со добра волја. За секој христијанин што ѝ помагал во Индија, имало уште 10-мина припадници на други религии што ѝ помагале.
Со тоа, личниот повик на младата калуѓерка од Скопје, од Македонија, прерасна во големо општествено движење што ја менуваше парадигмата за човековата вредност низ светот.
Мајка Тереза беше препознаена и наградувана. Но, и покрај врвните светски признанија, таа остана неверојатно понизна. Затоа, и кога во 1979-та ја примаше Нобеловата награда за мир, таа ја употреби за да изгради дом за бездомните.
Драги сограѓани,
Денеска, кога ја празнуваме света Тереза, ние се потсетуваме и на нејзиното наследство, на нејзиниот завет.
Мајка Тереза им служеше на сите оние кои страдаа. Им даваше надеж на безнадежните и сила на исцрпените. Таа вдоми илјадници сираци и усреќи илјадници семејства. Со редот на милосрдието, Мајка Тереза спаси милиони животи и ја врати свеста за вредноста на човечкиот живот, за неотуѓливото човечко достоинство. И постојано, таа потсетуваше дека светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов, за признавање, за почитување.
Со сето тоа, Мајка Тереза си изгради жив споменик, потраен и повеличествен од сите наши споменици.
Но, што би рекла Мајка Тереза за нас денес? Што би рекла за нејзините раскарани сограѓани?
Наместо да се истоштуваме во политички битки за докажување на нејзиното потекло и присвојување на нејзиното име, Мајка Тереза би нè упатила да се угледаме на нејзиниот пример. Да правиме мали добри дела со голема љубов. А за тоа не мора да одиме на крајот од светот бидејќи, како што таа велеше, почитта и љубовта започнуваат во нашиот дом, во нашето маало, во нашиот град, во нашата држава Македонија.
Гледајќи нè политички разединети и поделени, би побарала од нас да не се делиме и караме, туку да си простиме, да се помириме и да се почитуваме. Нејзината канонизација беше можност за таков чекор. Лидерите на двете најголеми партии од македонскиот блок ја прифатија мојата покана и дојдоа на канонизацијата во Ватикан. За жал, лидерите на двете најголеми партии од албанскиот блок не успеаја да се издигнат над дневнополитичките тензии и недоразбирања.
Гледајќи колку лесно крстот и полумесечината, црквата и џамијата ги претвораме во граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии, би нè потсетила дека верата е љубов во акција. Дека не смееме само на име да се нарекуваме верници, туку дека мора да помагаме, се додека не нè заболи. Затоа што вистинската љубов боли.
Би нè охрабрила да го чуваме највредното нешто што го имаме, највредното што и таа го понесе со себе во Индија, а тоа е нашиот македонски модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Затоа што само така ќе научиме да живееме заедно со сите наши најдлабоки верски, етнички и идеолошки разлики.
Тоа се вредностите што денес ни се повеќе од неопходни во Македонија. Тоа е аманетот што ни го остави Мајка Тереза, светицата од Скопје, светицата на светот. Верувам дека единствениот вистински начин да ја покажеме нашата почит кон неа е ако го исполнуваме овој нејзин завет.
Ви благодарам.