КРСТНИОТ ПАТ НА НАШАТА ЦРКВА: Сеќавање кое обврзува

3. Сеќавање кое обврзува

Веќе укажавме на крстниот пат на Црквата кој неопходно е и пат на мартириумот – прогонот оти Исусово е Словото: мене ме прогонуваа и вас ќе ве прогонуваат. Вистината е непопустлива, таа е само една и нема две лица. Народната мудрост тоа едноставно го искажува: Вистината боли. Малата заедница на нашиот народ во Егејска Македонија не го уживала долго мирот на кој толку желно се надевала и го започнала понизно својот историски од. Почнала да ја живее сопствената вистина потпирајќи се на единството со сеопштата Црква, но со тоа и пратила „Знак кому ќе му се противи“. Многу брзо почувствувала дека цената со која го плаќа единството е многу голема. Наишла на неразбирање, оспорувања и напади. Така, веќе во неколку наврати имало обиди на самиот почеток насилно или дури преку уцени „да се врати во крилото на матичните цркви“. Храброста и светоста на народот и пастирите биле посилни. Едноставно заживеела и покрај тешкотиите. Мала заедница но храбра, слична на оно библиско завештание „малото стадо“ или како што вели пророкот – остаток. Исус храбри: не бој се мало стадо, јас сум со вас. Во историјата има настани и непротолкувани околности кога секој поставува прашање зошто и зошто токму сега. А одговор нема. Токму таков еден настан се случува во Црквата на Кукушката унија пред 100 години. Колку многу пречел напредокот на таа мала заедница и колку само гнев се собирал во автономните соседни нации ќе покаже 1913 година. Таа година се води Втората балканска војна која завршила со т.н. Букурешки договор. Денес после точно 100 години можеме да кажеме дека на овие простори ова е најнечовечниот договор, зашто во Букурешт, присутните на тој така наречен Мировен договор, направиле сè да го оправдаат геноцидот врз Македонците во Егејска Македонија, каде живеело католичко население. Се гази принципот на Исусовото учење, дека секој поединец е важен. Македонија без свој претставник е распарчена и поробена од своите соседни.

Овој настан нè потсетува на толку пати видените прогони во историјата од оние најмалите семејните, месните, народните, националните па до најголемите прогони и изгонувања кога единствена цел на гонителите е: тоа семејство, таа заедница, тој народ мора да исчезне. Историјата таквите настани ги нарекла Егзодус. Само што егзодусот во овој случај нема позитивен предзнак туку негативен. Ова беше прогон. Она што си го имал си можел да го земеш в раце без ништо материјално со можеби молитвеникот и крстот в раце требало да се бега, да се појде во непознато. Дали тоа беше Божји повик како Авраамовиот. Тешко е тоа да се каже. Но сигурно е дека зад таа заедница од Егејска Македонија останала празнина, опожареност, разрушеност, едноставно пустош, зашто исчезнува секаков траг и знак дека некогаш тука живеел католички, македонски, вернички народ. Побарале нова Татковина. Расфрлени на сите страни. Некои во Македонија, некои вон својата Татковина. Дел од нив во струмичката котлина. Она што е најважно да се истакне е фактот дека тоа бил вистински и исклучително верски прогон и дека тие наши предци ја бранеле својата вера за да можат да ја сочуваат жртвувале сè. Па ако во працрквата крвта на мачениците била семето на христијаните тогаш страданието и крвта на нашите предци е причината на нашето постоење. По 100 години ние ним им благодариме дека постоиме и затоа овој спомен нè обврзува за обнова на верноста и постојаноста во крилото на светата Црква за која тие толку многу жртвувале. Ние нивните потомци нема да им заборавиме. Од која причина? Нивните заслуги и страданија ги познава единствено Бог. Ние нив само ги насетуваме. Но ако некој полага се свое па и животот во основата тогаш надградбата за нас е обврска. Меѓутоа би било сосема погрешно кога ова 100 годишнина би ја истакнале како сеќавање и со жалење. Не. Не е година на сожалување, туку е година на инспирација на сопствена обнова на верата и позивот на автентичен живот според евангелието за да во Годината на вера не со суд туку со простување и понатаму го градиме единството на нашата Црква. Историјата има свои необјасниви патишта и единствениот праведен суд ќе го изрече Бог. Не е наше да судиме,  туку од историјата да учиме. Овој пат поуката е многу јасна дека во срцата на нашите предци имало жива вера која ја плаќале по скапа цена сведочејќи ја својата верност, а ние сакаме да бидеме нивни верни потомци. (продолжува)

Категорија: Uncategorized, Македонија

За авторот

Write a Comment

<