На крајот од заедничкиот онлајн семинар на Советот на евроспките епископски конференции (CCEE) и Советот на епископските конференции на Африка и Мадагаскар (SECAM) одржан на 1 и 2 јуни на тема „Солидарноста во промовирањето на човечкото достоинство во светло на енцикликата Fratelli tutti“, дваесетте претставници на континенталните епископски конференции на Африка и Европа ја одобрија завршната Порака упатена до „сите наши браќа епископи, свештеници, ѓакони, монаси и верници лаици на Црквата Божја во цела Африка и Европа.“
„Како епископи и пастири – пишуваат претставниците на епископските конференции од европскиот и африканскиот континент – го потврдуваме своето заедништво и колегијалитет и се обврзуваме да работиме на промовирањето на човечкото достоинство, братството и солидарноста кои се во центарот на човечкиот живот и мирниот соживот. Како деца на ист Отец мора да бидеме отворени едни кон други и напорно да работиме на создавањето на вистинско братство не само меѓу нашите локални заедници, туку со луѓето со различно културно потекло, расен и етнички идентитет, верска и политичка положба, социјален и економски статус.“
Во свет полн со омраза, непријателство, екстремизам, насилство и крвопролевање (сп. FT, 285)“, учесниците ги повикуваат сите да го прифатат усрдниот апел на Светиот Отец за меѓурелигиски дијалог како пат за зајакнување на пријателството, мирот и хармонијата и гарантирање на верската слобода, која е темелно човеково право за сите верници. „Во промовирањето на културниот, меѓурелигискиот и екуменскиот дијалог и свесни дека Црквата е мајка се молиме секоја локална црква да биде „куќа со отворени врати“,да ја поддржува надежта, да гради мостови, да руши ѕидови и да го сее семето на помирувањето“, се наведува во завршната Порака која на 2 јуни ја објави Канцеларијата за медиуми на CCEE. (…)
Во Пораката се апелира до „политичките водачи, цивилните власти и телата како што се Африканската унија, Европската Унија и Обединетите нации“ да ја преземаат на себе обврската да „обезбедат практично спроведување на законот и протоколот кои ги зајакнуваат солидарноста и го промовираат човековото достоинство и на посебен начин да се промовира одбраната на животот, семејството, образововната и верската слобода, како и прифаќањето и интеграцијата на мигрантите и универзалниот пристап кон вакцините против Ковид-19.
На крајот од својот CCEE-SECAM вебинар претставниците на епископските конференции на Европа и Африка упатуваат благодарност до Светиот Отец за енцикликата Fratelli tutti, изразувајќи надеж „дека нашите две континентални епископски тела и понатаму го проучуваат и делат искуството за доброто на нашите народи и неуморно работат на тоа насекаде да се стави крај на предрасудите, нетрпеливоста, непријателството и насилството.“ На крајот повикуваат на мир, посебно во сите земји во Африка, Европа, на Блискиот Исток и во целиот свет кој во моментот се места на судири.
Ватикан њуз/к.мк