Папата ќе служи света Литургија со конгоанската заедница во Рим

Папата ќе служи света Литургија со конгоанската заедница во Рим

На средбата во Ватикан со Белите отци, Мисионерки на Африка присутни на Генералното собрание, папата Фрањо го повтори своето жалење поради одложувањето на неговото патување во Демократска Република Конго и Јужен Судан и најави дека ќе служи света Литургија на 3 јули со конгоанската заедница во Рим.

„Киншаса ќе ја пренесеме во базиликата Свети Петар“, рече папата Фрањо примајќи ги учесниците на Генералното собрание на Мисионерите на Африка, популарно познати како Бели оци. Потоа ја најави светата Литургија, која ќе ја служи на 3 јули со сите Конгоанци кои живеат во Рим.

За жал, со големо жалење морав да го одложам моето патување во Конго и Јужен Судан. Навистина, на моја возраст не е така лесно да се оди во мисија! Но, вашите молитви и вашиот пример ми даваат храброст и верувам дека ќе можам да ги посетам тие народи што ги носам во моето срце. Следната недела ќе се потрудам да служам света Литургија со конгоанската заедница во Рим. Всушност не следната, туку на 3 јули… Тоа беше денот кога требаше да служам во Киншаса. Ќе ја префрлиме Киншаса во Свети Петар. И таму ќе славиме со сите римски конгоанци, кои ги има многу! – рече Папата.

Само бидете апостоли

Белите оци, собрани деновиве на Генералното собрание за „Мисијата како пророчко сведоштво“, го потсети римскиот бискуп на охрабрувањето на нивниот основач, кардиналот Чарлс-Марсијал Алеман Лавигери: „Бидете апостоли, ништо друго освен апостоли“. Апостолот на Исус Христос не е некој што практикува прозелитизам, тој не е менаџер, не е учен говорник, тој не е информатички „волшебник“, апостолот е сведок. Тоа е точно секогаш и секаде во Црквата, но особено важи за оние кои, како вас, често се повикуваат да го живеат посланието во контекст на првата евангелизација или преовладувачката исламска религија – рече Папата.

Појди и остани

Сведочењето се изразува преку молитва и братство – рече Папата и посочи еден парадокс: во мисија може да се оди само останувајќи таму. Затоа, ги охрабри присутните мисионери да останат во Божјото присуство, да му дозволат на Бога во секојдневното обожавање да ги гледа како црпат сила и одат на средба со браќата, испратени да ја живеат слатката радост на евангелизацијата, посебно во контексти каде често, освен сиромаштовот, се сретнува и несигурноста и неизвесноста.

Мислам на вашите братства, кои се составени од луѓе од многу земји, од различни култури. Не е лесно, тоа е предизвик кој може да се прифати само со помошта на Светиот Дух. Дополнително, вашата мала заедница, која живее од молитва и братство, е поканета на дијалог со средината во која живее, со луѓето, со локалната култура.

Да се знае да се каже „благодарам“

По повод нивното генерално собрание, папата Фрањо, исто така, ги потсети оците Мисионери на Африка на важноста да гледаат со благодарност кон минатото. Благодарното сведоштво исто така може да привлече. Оваа благодарност го поддржува пламенот на надежта. Кој не знае да му се заблагодари на Бога за даровите што ги посеал на патот – иако заморен и понекогаш болен – неговиот дух не е исполнет со надеж, не е отворен за Божјите изненадувања и не верува во неговата промисла – рече папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот