Ангел Господов: Пречекајте го Господ со молитвi и дела на љубов

Ангел Господов: Пречекајте го Господ со молитвi и дела на љубов

Во своето пладневно обраќање во првата недела на Адвент, пред молитвата Ангел Господов, папата Фрањо се осврна на крепоста будност. Ги поттикна христијаните да го дочекаат Божиќ со молитви и дела на љубов

Затоа што Папата се уште закрепнува од бронхитис, обраќањето и молитва Ангел Господов во недела 3 декември 2023 година ги упати од Домот Света Марта во Ватикан, а не од прозорецот на работната соба во Апостолската палата, како што тоа обично го прави. Говорот, седејќи до Папата, го прочита монс. Паоло Браида, службеник на Државниот секретаријат на Ватикан.

Погрешна слика за будноста

Во своето обраќање Папата се фокусираше на темата будност.

Најпрво, се осврна на погрешната слика за будноста, за која понекогаш размислуваме мотивирани од стравот од неизбежна казна, како да паѓа метеор од небото и се заканува да падне врз нас ако не го избегнеме на време. Но , тоа не е смислата на христијанската будност, истакна тој.

Будноста не е страв, туку желба за средба

Светиот Отец потсети на евангелската парабола за слугите кои го чекаат враќањето на својот господар: будноста на слугите значи не е поради стравот, туку поради желбата, во исчекување на средбата со својот господар кој доаѓа.

Светиот Отец истакна дека слугите се подготвени за неговото враќање затоа што го сакаат, затоа што се грижат кога ќе дојде да најде гостољубив и уреден дом: тие се среќни што повторно ќе го видат, до тој степен што го чекаат неговото враќање како прослава за целото големо семејство на кое му припаѓаат.

Осврнувајќи се на таа парабола, папата Фрањо истакна дека со истото исчекување, се подготвуваме да го пречекаме Исус на Божиќ. Подготовките се секојдневни: доаѓа да нè пресретне во Евхаристијата, во неговото Слово, кај браќата и сестрите, посебно оние кои имаат најголема потреба .

Бдението значи да се одржува срцето подготвено

Папата поттикна внимателно да го подготвиме домот на срцето во неделите пред Божиќ, за да биде уреден и гостољубив. Затоа што да се бдее, објасни тој, значи да се држи срцето подготвено.

Тој ја спореди будноста со ставот на чувар кој не дозволува заморот да го совлада, туку останува буден чекајќи го светлото. Господ е нашата Светлина, рече Папата и повика да го пречекаме Христос со молитви и дела на љубов.

Светиот Отец го наведе примерот на човекот од молитва, свети Мартин од Турс. Половина од својата наметка му ја дал на еден сиромав, а потоа сонувал како Исус го носи токму тој дел од наметката.

Еве една убава програма за Адвент: средба со Исус кој доаѓа во секој брат и сестра на кои им требаме и со нив споделуваме што можеме: слушање, време, конкретна помош, истакна Папата.

Подгответе го срцето за Господа

Гостољубивото срце за Господ се подготвува кога ќе пристапиме на неговото простување, неговото Слово, неговата Трпеза, наоѓајќи време за молитва, примајќи го во оние кои имаат потреба, рече Светиот Отец.

Петровиот наследник поттикна, додека го чекаме Господ, да не кукаме и да не дозволиме да бидеме одвлечени од бескорисни работи: нашите срца да бидат будни, односно желни за Него, будни и подготвени, нетрпеливи за средбата со Него.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот