Папа Фрањо: „Исус нуди спасение, а не отфрлување“
Исус е единствениот благослов од кој извира спасение за сите луѓе – рече папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција на 31 август 2016 година. Во катехезата се осврна на делот од Евангелието според Матеј за жената која боледувала од крвотечение и била излечена допирајќи ја Исусовата облека.
Таа жена се истакнува со својата вера и храброст, а желбата Исус да ја спаси „ја поттикна да отиде над правилата утврдени со Мојсеевиот закон“. Поради нејзината болест таа била сметана за нечиста и поради тоа била „исклучена од обожавање, брачен живот, нормални односи со ближните“. Важно е – рече Папата – да се сфати оваа ситуација за да се разбере состојбата на нејзината душа: чуствува дека Исус може да ја спаси од болест и маргинализираност и од недостојноста во која се наоѓа со години“.
Светиот Отец истакна дека овој случај нè поттикнува на размислување за состојбата на жената. Сите треба да се чуваме, вклучувајќи ги христијанските заедници, од предрасудите заразени со поимите за женственоста и сомневањето против достоинството на жената – нагласи и додаде:
„Во тој поглед, всушност, Евангелието ја обновува вистината и го води ослободеното гледиште. Исус се восхитуваше на верата на таа жена која сите ја одбегнуваа и ја претвори нејзината надеж во спасение. Не го знаеме нејзиното име, но малобројните зборови со кои Евангелието ја опишува нејзината средба со Исус го обележуваат патот на верата кој може повторно да ги воспостави вистината и големината на достоинството на секој човек. Во средбата со Христос на сите – мажи и жени на сите места и во сите времиња – им се отвора патот на ослободувањето и спасението“.
Исус ја виде жената и не ја опомена, не ѝ рече: „Оди си! Ти си отфрлена!“, туку ја погледна со милосрдие и нежност. „Тој знае што се случи и сака лична средба со неа, она што и самата жена го посакуваше. Тоа значи дека Исус не само што ја прифаќа, туку и ја држи вредноста на таквата средба“ – потенцира Папата.
Исус ѝ рече на жената: „Храбро, ќерко“, изразувајќи ѝ го со тоа Божјото милосрдие. „Колку пати се чуствуваме одвнатре отфрлени поради нашите гревови“ – рече Папата – „Но Господ ни говори: „Храбро! Дојди! За мене ти не си отфрлен, не си отфрлена. Храбро, ќерко. Ти си син, ќерка“. Тоа е момент на милост, тоа е милост на простување, момент кога ќе се вклучите во животот на Исус, во животот на Црквата“.
На сите нас грешниците – големи или мали – на сите Господ им говори: „Храбро, дојди! Не си веќе отфрлен, не си веќе отрфрлена: јас ти опростувам, јас те прегрнувам“. Такво е Божјото милосрдие. Треба да имаме храброст да отидеме кај него, да молиме прошка за своите гревови и да отидеме напред – заклучи Светиот Отец.
Спсението кое Исус го дава е повеќекратно: на жената ѝ го враќа здравјето, ја ослободува од „општествените и верските дискриминации“, ѝ ја остварува надежта која ја носела во срцето и ја враќа во заедницата, „ослободувајќи ја од потребите да делува во тајност“. Личноста која е отфрлена – објасни Папата – секогаш делува во тајност. Ние како грешници така постапуваме, како да имаме нешто за да се криеме и да се срамиме од она што сме. Исус нè ослободува од тоа и нè подигнува– како што рече – „на нозе“, како што Бог и нè создаде – не понижени, туку на нозе.
Не е Исусовата облека она што ѝ даде спасение на жената, туку „Исусовото Слово, прифатена во верата, која може да утеши, излечи и да ја обнови во односот со Бог и неговиот народ“ – истакна папа Фрањо, завршувајќи: Исус го покажува патот на Црквата по кој би отишол во пресрет на секој човек за секој да може да биде излечен во телото и духот и да биде обновено во достоинството на Божјото дете.
РВ/к.мк