Папата: Исус нѐ ослободува од силата на злото

Папата: Исус нѐ ослободува од силата на злото

Господ ни дава мир и простување, но ние мора да бараме „да нѐ избави од лукавиот“ за да не паднеме во злото.

Распространетото присуство на злото во светот и во самите наши срца е реалноста на која папата Фрањо ја посвети катехезата која ја одржа за време на Генералната аудиенција на 15 мај 2019 година, завршувајќи ги размислувањата за молитвата „Оче наш“ кои ги започна пред неколку недели. И покрај лошите временски услови, околу 20.000 луѓе го исполнија плоштадот Свети Петар, каде што Папата пристигна во придружба на осум мали бегалци, момчиња и девојчиња корисници на центарот „Подобар свет“ (Mondo Migliore) на периферијата од Рим и на чии капи пишуваше „помош“, а на нивните маици „прифати, заштити, промовирај и интегрирај.“

Размислувајќи за последната молба во молитвата „Оче наш“: избави нѐ од лукавиот“, Светиот Отец рече дека оној кој моли освен што бара да не биде искушуван, исто така моли да биде ослободен од злото, го признава присуство на злото и на неговата закана. Имено христијанската молитва не ги затвора очите пред животот. Тоа е синовска молитва, а не детска молитва. Не е толку заслепена од Божјото татковство за да заборави дека човечкиот пат е полн со тешкотии.

Ако не беа последните зборови од „Оче наш“ како ќе можеа да се молат грешниците, прогонетите, разочараните и оние на умирање – праша Папата и одговори: Последниот повик е нашата молба кога сме на работ. Злото во нашиот живот е неспорна реалност, доволно е да се погледнат историските документи и ќе најдеме разочарувачки список за тоа колку нашиот живот на овој свет често бил неуспешна авантура. Дури до толку што понекогаш присуство на злото кое не е Божјо дело изгледа појасно од Божјото милосрдие.

Тоа присуство кое пречи го наоѓаме во природата, историјата и во своето срце и тоа се појавува како спротивност на таинството на самиот Бог – рече Светиот Отец и продолжи: Последникот крик од „Оче наш“ е упатен против тоа зло кое под своите закрила држи најразлични искуства: човечко жалење, недолжна болка, ропство, искористување на другиот и плач на невините деца. Сите тие настани протестираат во човечкото срце и викаат во последниот дел од Исусовата молитва.

Папата Фрањо потсети дека самиот Исус целосно го искусил продорот на злото во моментот на страдањето и Тој молел „Ава, Оче за Тебе сѐ е можно; ослободи ме од оваа чаша!“ Исус умира на крстот, ја искусува осаменоста, презирот, понижувањето и суровоста. Ете каков е човекот: суштество посветено на животот кое сонува за љубов и добро, но кое постојано себе и своите ближни ги изложува на зло до таа мерка што може да бидеме во искушение да го презираме човекот.

Христијанинот ја познава моќта на злото, но исто така чувствува дека Исус е на наша страна и дека ни доаѓа на помош – рече Папата и додаде: Синот Божји нѐ избави од злото, Он Кој во моментот на последната борба на Петар му наредува да го стави ножот во ножницата, Кој на разбојникот кој се покајал му го обезбедил рајот и кој повикал: Оче, прости им зашто не знаат што прават! Од Исусовото простување на крстот произлегува мирот, вистинскиот мир доаѓа од таму.

Мирот е дар на Воскреснатиот, тоа е дарот кој ни го дава Исус – рече Светиот Отец и поттикна. Сетете се дека првиот поздрав на воскреснатиот Исус е „мир вам“, „мир на вашите души, на вашите срца и на вашите животи.“ Господ ни дава мир и простување, но ние мора да бараме „избави нѐ од лукавиот“ за да не паднеме во злото. Тоа е нашата надеж и силата која ни ја дава воскреснатиот Исус Кој е овде меѓу нас.

По завршувањето на катехезата Папата ги поздрави сите верници посебно делегацијата од организацијата „Save the Children Italy“ кои по повод 100 годишнината од своето делување дојдоа на аудиенција. Потоа се обрати на Блажена Дева Марија. Во овој месец мај кој е посветен на Пресвета Богородица ве повикувам да ја наследувате. Бидете храбри и способни да го отворите срце за Бог и браќата за да можете да бидете инструменти на Божјото милосрдие и нежност.

Потоа посебно ги поздрави претставниците на универзитетските центри и институтите за проучување на семејствата од различни земји кои се собраа на својата прва средба под наслов „Family International Monitor“, во организација на Папскиот институт „Иван Павле II“. Таа средба се одржува по повод Меѓународениот ден на семејството, кој оваа година потсетува на улогата на семејството во грижата за создаденото, за нашиот заеднички дом – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот