„Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам” (Иван 20,21)
По трагичната вест за Исусовата смрт на крстот која на учениците им влеала страв и збунетост, евангелистот Иван навестува изненадувачка новост: Тој воскресна и се врати кај своите! Навистина, на воскресното утро, Воскреснатиот Исус ѝ се покажа на Марија Магдалена. Истата вечер им се покажа и на останатите ученици. Тие биле затворени во една куќа, обземени со длабоко чувство на збунетост и поразеност.
Тој тргнал да ги бара, со желба повторно да ги сретне. Не е важно што го издале и што побегнале од опасноста. Им се покажал со знаците на страданието: ранетите раце, прободените и растргнати гради од страдањето и крстот. Неговиот прв збор е желбата за мир, вистински дар што излегува од душата и го преобразува животот.
Учениците конечно го препознале и им се вратила радоста. И тие почувствувале дека се оздравени, утешени, расветлени, повторно со својот Учител и Господ.
На таа група слаби луѓе Воскреснатиот Исус потоа им доверува тешка задача: да се чекори по патиштата и да се носи во светот новоста на евангелието, како што тоа Тој го правел. Каква храброст! Како што Отецот имаше доверба во Него, така и Исус својата доверба им ја дарува на нив.
И конечно, додава Иван, Исус „вдахна во нив“ т.е. ја дели со нив својата внатрешна сила, истиот Дух на љубовта кој ги обновува срцата и умовите.
„Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам”
Исус го живеел целиот човечки живот: ја доживеал радоста на пријателството и болката на предавството, посветеноста на работата и изнемоштеноста од патувањата. Тој знае од што сме создадени, ги познава ограниченостите, страдањата и неуспесите кои нѐ следат од ден во ден. Како што дошол кај учениците во замрачената просторија, така не престанува да бара го секого од нас во нашите темнини, во нашите затворености и да верува во нас. Воскреснатиот Исус ни предлага заедно со Него да го доживееме искуството на новиот живот и на мирот, за да можеме потоа да ги споделиме со другите. Тој нѐ испраќа да го сведочиме своето искуство со Него, да излеземе од самите себе, од нашите кревки сигурности, надвор од нашите граници, за во времето и просторот да го рашириме истото послание добиено од Отецот: навестувањето дека Бог е љубов.
„Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам”
На овој начин Кјара Лубик го коментира ова Слово за живот во мај 2005: „Денес зборовите веќе не се доволни. […] Навестувањето на евангелието ќе биде ефикасно ако се поткрепува на сведоштва од животот, како првите христијани. Тие можеле да кажат: ‘Она што го видовме и слушнавме ви го навестуваме и вам’. Навестувањето ќе има ефект ако како и за нив, и за нас ќе може да се каже: ‘Погледни како се љубат, подготвени се да умрат еден за друг’; ќе биде ефикасно ако ја оствариме љубовта давајќи, помагајќи им на оние во потреба, ако дадеме за храна, облека или за стан на оние кои ги немаат, пријателство на оној кој е сам или очајува, поддршка на оние кои се во искушение. Со таков живот во светот ќе ја сведочиме Исусовата неодоливост, а станувајќи втор Христос, со нашиот придонес неговото дело ќе продолжи.“
„Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам”
И ние можеме да тргнеме да го бараме Исус во мажите и жените заробеници на болката и осаменоста. Можеме чувствувајќи почитување да се понудиме да бидеме нивни сопатници на патот на животот, кон мирот кој го дарува Исус, како што тоа го прави М. Пија со своите пријатели кои во еден мал центар на југот на Италија се заземаат за служење на мигрантите. На нивните лица можат да се забележат приказни за преживеаните болки, војната и насилството.
„Што барам јас?“, се прашува М. Пија и продолжува: „Токму Исус му дава смисла на мојот живот и знам дека можам да го препознаам и да го сретнам пред сѐ во најранетите браќа. Преку нашето здружение понудивме курсеви по италијански јазик и помош при наоѓање на стан и работа, излегувајќи им во пресрет околу материјалните потреби. Прашавме дали им е потребна духовна поддршка. Тој предлог радосно го прифатија православните жени во училиштето за италијански јазик. Во еден центар за згрижување на мигранти дојдоа и христијани од Евангелската баптистичка црква. Во договор со баптистичкиот пастор се организиравме и ги придружувавме една недела на нивното место за богослужба, оддалечено неколку километри. Од таа конкретна љубов меѓу христијаните се роди пријателство кое се зајакна и преку културни настани, округли маси и концерти. Се откривме едни со други како народ кој бара и наоѓа нови патишта за единство во различностите, за да можеме на сите да им го сведочиме Божјото Царство.“
Летиција Магри