Боже дарувај на нашите покојни да те гледаат во лице

Боже дарувај на нашите покојни да те гледаат во лице

Денес и овие денови размислуваме за нашите покојни родители, деца, роднини, пријатели, за нашите предци, соседи… Црквата уште од самите свои почетоци негува голема почит кон споменот на покојните, затоа што е свето и спасоносно да се моли за покојните како би им се простиле гревовите кои ги направиле живеејќи на земјата, свесни или несвесни, волни или неволни.

Задушницата е спомен ден на верните мртви, но не само спомен за сеќавање на нашите блиски покојни, туку е посебен молитвен ден кој Црквата го одредува за нив. Тоа пак не значи дека други денови не треба или не смееме да се молиме за нивните души, напротив, секој христијанин е обврзан и должен да моли секојдневно за душите на покојните и тоа е израз на нашата вера во вечниот живот. Колку молиме за спасение на нивните души, таква е и нашата вера во воскресението.

И покрај тоа што нашите покојни повеќе не се со нас, сепак нашата поврзаност со нив продолжува токму преку молитвата. Ако не се во царството Божјо тие имаат потреба од нашата молитва, која може да им помогне Господ да ги приведе во заедништвото со него. Ако пак веќе се во заедништво со него и ја уживаат блажената радост, тогаш тие се веќе наши небесни застапници. А нашата молитва која сме ја упатиле за нив, нема да биде залудна затоа што Господ ќе ја прими за оние кои имаат најголема потреба.

За жал се случува, кај некој и понекогаш, своите покојни да ги почитуваме многу повеќе кога веќе ги нема, кога не се со нас. Тогаш стануваме свесни за нивната важност, ја чувствуваме нивната празнина. Овие денови на нивните гробови ќе палиме свеќи, ќе носиме цвеќиња, ќе ги уредуваме нивните гробовите, а за време на нивниот земски живот сме биле многу малку или воопшто не сме биле внимателни кон нив. Но и тоа е добро, ако веќе сме го согледале тој факт. Сѐ уште има можност да се поправиме, но и да направиме нешто за нив, со молитвата.

Покрај тоа што ќе молиме за душите на нашите покојни, можеме да направиме нешто уште повредно за спасение на нивните души, а тоа е да дадеме да се служи света Литургија за нив. Затоа што светата Литургија е средба на Црквата која патува, односно ние луѓето кои сме на пат за средба со Господ и прославената Црква, која е во небо во заедништвото со Господ.

Боже, Твојот Син ја победи смртта, воскресна од мртвите и се вознесе на небото. Дарувај им на покојните верни да Те гледаат Тебе лице во лице, очи во очи.

го*ко

Категорија: Вера, Колумни

За авторот