Дали денес има повеќе маченици отколку во раната Црква

Дали денес има повеќе маченици отколку во раната Црква

Одговорот можеби ќе ве изненади.

Годишниот празник на Првите маченици на Римската црква нè потсетува на безбројните христијани што биле убиени за верата за време на прогонството на Нерон во 64 година. Тоа навистина било сурово прогонство, но сепак не може да се спореди со масовните страдања што се случиле во текот на изминатиот век.

Подготвувајќи се за Големиот јубилеј во 2000 година, свети Iван Павле II основа Комисија за новите маченици на Големиот јубилеј. Оваа комисија истражувала и ги собирала сведоштвата за сите што во 20 век го дале својот живот за верата. Таа открила дека 20 век дал двојно повеќе христијански маченици отколку сите претходни деветнаесет века заедно.

Тоа е зачудувачко сознание, особено ако се има предвид колку длабоко ги почитуваме мачениците од првите векови и колку жестоко биле прогонувани.

И во 21 век, мачеништвото и понатаму е реалност за многу наши христијански браќа и сестри. Добротворната организација „Помош за Црквата во неволја“ внимателно ја следи состојбата со антихристијанските прогонства низ светот. Нивните глобални анализи покажуваат дека христијаните се најпрогонуваната верска група во светот.

Папа Фрањо ја повтори оваа оценка во една проповед во 2014 година.

„Денес во Црквата има многу маченици, многу прогонувани христијани. Помислете на Блискиот Исток, каде што христијаните мора да бегаат од прогонство, каде што христијаните се убиваат. Дури и оние христијани што се принудени да заминат на еден „елегантен“ начин, со „бели ракавици“, и тоа е прогонство. Денес во Црквата има повеќе сведоци, повеќе маченици отколку во првите векови. Затоа, на оваа sveta Liturgija, сеќавајќи се на нашите славни предци, да помислиме и на нашите браќа што се прогонувани, што страдаат и кои со својата крв го хранат семето на толку многу мали Цркви што се раѓаат. Да се молиме за нив и за нас.“

Овој факт не смее да се заборави ниту да се премолчи. Свети Iван Павле II во апостолското писмо Tertio Millennio Adveniente напиша дека во нашиот век мачениците повторно се вратија, многумина од нив безимени, како „непознати војници“ на големото Божјо дело. Колку што е можно, нивното сведоштво не смее да биде изгубено за Црквата.

Да се зачува нивната жртва

Свети Iван Павле II ги повика локалните Цркви да направат сè што е можно за да се зачува споменот на оние што претрпеле мачеништво, собирајќи ја потребната документација за можни канонизации. Тие канонизации ја покажуваат живоста на локалните Цркви, кои денес се многу побројни отколку во првите векови и во првото илјадалетие.

Раната Црква имала сличен пристап. Таа ги собирала имињата на безбројните христијани што биле убиени за верата во првите векови и им посветувала празнични денови во литургискиот календар. Долги години изгледало како речиси секој ден во црковниот календар да е посветен на некој маченик.

Токму затоа Црквата го развила заедничкиот празник на Првите маченици на Римската црква. Тој овозможува сите овие светци, и познатите и непознатите, да бидат собрани во еден спомен и почестени на еден ден, признавајќи ја нивната најголема жртва на поединствен начин.

На крајот, овие свети мажи и жени што го дале својот живот за верата се достојни примери за нас, особено оние што неодамна ја принеле најголемата жртва на својот живот. И покрај сите тешкотии, тие останале цврсти во верата и биле подготвени да умрат наместо да се откажат од верата во Исус Христос.

Тоа не е нешто што припаѓа само на историските книги. Тоа се случува и денес, а може да се случи и на нас во секое време.

Додека се сеќаваме на Првите маченици на Римската црква, да се сетиме и на современите маченици. Да го побараме нивното застапништво додека се трудиме да го живееме нашиот крштелен повик и да бидеме светлина во темнината.

Алетеја/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот