(Видео) Божикна честитка на бискупот д-р Киро Стојанов по повод Христовото Рождество

(Видео) Божикна честитка на бискупот д-р Киро Стојанов по повод Христовото Рождество

Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на Мирот

Божик е ден кој нè води на почетоците на христијанството. Тоа е ден кога го празнуваме несфатливиот доказ на Божјата љубов кон човекот, изразена во Неговото појавување меѓу нас во отелотворувањето и раѓањето на второто Божествено лице Исус Христос. Пред нас е историски настан, настан што се случи во Витлеем, Јудеја, за време на владеењето на царот Август, кога низ сиот свет владеел мир, како што пишува евангелист Лука. Настан што се случи во семејството на Марија и на Јосиф. Настан што и нив ги воведе во таинствениот Божји план за спасението на човекот. Патот што тие го минале за да станат дел од таа божествена авантура била верата во Божјото слово, верата во Божјото ветување и верата во Божјата волја. И покрај тоа што настанот ја надминува нивната моќ на сознание, сепак таа е чин на верата и согласување на објавата што доаѓа од Бога: Словото – логос, стана тело и се всели меѓу нас. Во центарот на настанот е семејството, а во центарот на пораката е детето Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на Мирот (Ис 9,6).

Обраќајќи ви се, браќа и сестри, како пастир на Католичката црква на оваа подрачје, сакам да ви го навестам тој чудесен Божји план што денес и нам ни е понуден како и за првиот Божик. Како и тогаш, така и сега неопходно е и овој Божик да не биде само спомнување и празнување, туку да биде настан. Затоа, неопходна ни е верата дека сме способни да се отвориме за објавата и да го примиме Божјиот глас што нè потсетува на евангелската наука. Во оваа време кога во многу човечки срца се вгнездиле темнина и неспособност да се живее живот достоен за човекот, ние навестуваме и сведочиме дека Бог спасува. Темнина се спушта над семејните вредности и темнина надвиснува во меѓучовечките односи. Се шири цивилизација на смртта во која човекот е се помалку човек. Тој станува бројка и тоа експлицитно, заради користољубие. Во време кога е допуштено уништување на невини и неродени животи, а во многу земји на старите и болните им се забрзува умирањето, во цивилизација во која човекот е сведен на предмет за уживање, ние и покрај сè го навестуваме евангелието на животот: добри луѓе, внимавајте и Бог стана човек. Тој е чувар, бранител и Оној кој има моќ да го заздрави нашето слабо и паднато човештво до негово повторно издигнување во достоинство.

Со надеж дека во овие денови со повеќе смиреност во секого а особено во најмалиот брат и сестра ќе го препознаеме воплотениот Христос, секому  му посакувам мир, среќен и радосен Божик во кој ќе го доживееме сознанието: Колку е убаво да се биде човек. Мир Божји – Христос се роди!

За авторот