Јеховини сведоци и саботари – Кои се и во што веруваат?

Јеховините сведоци и саботарите не се едно исто, туку тоа се гранки од истото стебло, со тоа што Јеховините сведоци во дел потекнуваат од адвентистите (саботарите), презимајќи многу од нивното учење. Еве неколку зборови и за едните и за другите.

Името адвентисти, кај нас познати како саботарите, ги означува оние што очекуваат, што е со значење на исчекување на Христовото повторно доаѓање, и тоа во непосредна иднина. За тоа се служат на посебен начин со Светото Писмо. За основател на адвентистите се смета Вилијам Милер (1849 година), на кого му се причинило дека во старозаветната Книга на пророкот Даниел и во новозаветната Книга на Откровението на свети Иван пронашол податоци по кои точно може да се утврди датата на повторното Христово доаѓање. По неговите првични пресметки, тоа требало да се случи на 21 март 1844 година. Собрал мноштво на следбеници, а кога предвидувањето не се овистинило, многумина го напуштиле. Милеровото движење веројатно би исчезнало да не се појавила Елен Вајт (1827 – 1915), која ги поврзала разноразните адвентистички групи во адвентисти на седмиот ден, кои често се нарекуваат и саботарите, бидејќи Вајт утврдила дека Исус треба да го очисти светот од најголемиот грев т.е. непочитувањето на саботата. Под нејзино водство воведена е здравствена реформа со забрана на користење на свинското месо, тутунот, алкохолот и чајот. Воведена е и обврска за плаќање една десетина и програма за мисионарење.

Адвентистите многу брзо се прошириле, најпрво во САД и Северна Европа. Денешните адвентисти се откажаа од прецизното прогнозирање на датата на повторното Христово доаѓање. Располагаат со многу силна пропаганда со летоци, списанија и книги, а во поново време во пропагандата се служат со радио емисии. Веруваат во Пресветата Троица,но многу нејасно зборуваат за Светиот Дух. Од Светите Тајни го признаваат само крштението на возрасни и тоа со потопување во вода. Ги имаат преземено старозаветните правила на исхрана и славење на саботата. Сметаат дека Христовото повторно доаѓање кога ќе основа многувековно царство е многу близу. По тоа време, според нив, би дошло до конечно воскресение на мртвите, и сите зли луѓе, заедно со сотоната, ќе бидат уништени засекогаш, а добрите ќе бидат воведени во рајот, па така за нив не постои ниту чистилиште, ниту пекол.

Јеховините сведоци израснале од адвентистичкото стебло, кога нивниот основач, Чарлс Тазе Расел (1852 – 1916) заклучил дека може подобро од неговите претходници, да го одреди датумот на повторното Христово доаѓање. Неговите прогнози (1914 и 1918), како и тие на неговите наследници (1925 и 1975), не се овистиниле па се повикале на измислици од типот дека Исус веќе дошол, но е невидлив! Тоа е теолошки гледано многу примитивно учење. Со погрешното читање и толкување на светиот тетраграм JHWH, Божјото име го одгонетнале како Јехова, иако сосема е јасно, според Библијата и библиските науки кои го објаснуваат масоредскиот начин на читање на самогласките, кои инаку во еврејскиот јазик не се пишуваат, но се изговараат со согласниците, дека треба да се чита како JAHVE. Не веруваат во Пресветата Троица, во Христовото божанство ниту во бесмртноста на човечката душа, па така ниту не можат да се нарекуваат христијани. Учат дека Христос е ангел Михаил, кој во текот на историјата се преобразува. Инсистираат на број од 144 илјади спасени, тврдат дека светот е создаден 4128 години пред Христос и ја делат историјата на три епохи: времето на владеење на ангелите (кое се дели на ера на патријарсите, ера на евреите и ера на христијаните, а кое трае од 2473 година пред Христа, па се до 1914 година), време на идниот свет (од 1914 па преку илјада години) и на крајот доаѓа вечноста.

Јеховините сведоци се многу строго уредена заедница со која управува Совет на старешини со седиште во Бруклин, Њујорк. Тие даваат упатства за толкување на Светото Писмо. За нив не вреди општоприфатениот (екуменски) превод, туку нивниот личен превод наречен Нов Свет. Тие толкувања редовно се објавуваат во списанието „Стражарска Кула“ и „Пробудете се“ и често се контрадикторни, посебно по докажувањето дека нивните предвидувања се неточни. Затоа на своите членови им забрануваат изучување на Светото Писмо според методите на библиската наука.

Одбиваат да служат војска и не прифаќаат никакви национални симболи како на пример, знамето. Многу се активни, бидејќи секој член има задача да врши мисионерска дејност и да придобие одреден број на нови членови. Даваат една десетина и други доприноси, па така заедницата им е многу богата и моќна. Со големо непријателство гледаат на Католичката Црква, сметајќи ја за големата блудница од Откровението и за свој непријател. Сметаат дека тие се единствено вистинска Црква, единствено тие се свети и праведни, а сите останати се Божји непријатели врз кои само што не пристигнал страшниот Божји суд, кој ќе се одржи веднаш штом Исус т.е. ангелот Михаил ќе ги победи сите непријатели во битката кај Армагедон. Разговорот со Јеховините сведоци наликува на разговор со глуви луѓе, бидејќи се потпираат само на научени библиски цитати кои им служат за потврда на нивното тврдење. На таа финта лесно паѓаат тие католици што слабо ја познаваат Библијата и науката на Католичката Црква. Треба да се воодушеви човек на нивната упорност во изучувањето на науката што нема врска со Светото Писмо и Божјата објава.

Преземено од. Битно нет/др. Анте Матељан

Од книгата „Верата во прашања“

Превод на македонски: В.Н.

За авторот