Свечена академија по повод 10 години од основање на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица
Во сабота вечер на 4 ноември 2023 година во парохиската сала „Мајка Тереза“ при парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица се одржа свечена академија по повод јубилејот 10 години од основање на парохијата. На академијата присуствуваше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх, свештеници од Струмичко – скопската епархија, сестри Евхаристинки, верници од парохијата, како и пријатели и поддржувачи.
Свеченоста започна со тропар за Раѓањето на Свети Иван Крстител, потоа во своето обраќање протојереј отец Гоце Костов направи краток осврт во развојот на парохијата и се заблагодари на сите оние кои ја поддржуваа парохијата во изминатите години, молејќи Господ Бог преку молитвите на Пресвета Богородица да ги благслови сите и да им дарува изболни милости.
По претставувањето на црковниот одбор и одборот на Парохиски Каритас, во нивно име се обрати одборникот Горан Илиев.
Во рамки на богатата програма беше прикажан и краток видео запис за парохијата и беше претставена парохиската интернетска страница
Потоа следуваше доделување на благодарници за молитвен придонес за парохијата на Невенка Ѓорѓиева, Софче Пандева, Ванѓа Ефтимова, Милица Николова, Велика Илиева и Тања Гунчева.
Плакета за благодарност за нивното несебична поддршка им е врачена на браќата Димитар и Лазе Точеќаја, на Трајчо Ѓорѓиев за долгогодишно служење на Црквата, на отец д-р Зоран И Стојанов, за пожртвуваноста и посетеноста при изградбата на Црквата и парохискиот дом и на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх за основање на парохијата и континуираната поддршка.
Во своето обраќање до присутните епископот Стојанов ја искажа својата радост и ги поздрави, Деканот на деканатот Свети Кирил и Методиј протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, парохот отец протојереј Гоце Костов, останатите присутни свештеници и чесни сестри, одборниците, пристуните верници и поддржувачи по повод прославата на јубилејот 10 години од основањето на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица.
Во продолжение епископот Стојанов истакна дека секој јубилеј е можност да се осврнеме на изминатиот период, да погледнеме на радосните и убави моменти, но и на проблемите и предизвиците со кои сме се соочувале и откако сме ги поминале и надминале во нив можеме да ја препознаеме Божјата присутност и поддршка и додаде: Во оваа прилика сакам да го искажам своето задоволство што оваа зграда, која до основањето на парохијата беше материјална градба, оживеа со присутноста Христова во Светата Евхаристија од каде голем број луѓе црпат сила за својот христијански живот. Па така оваа Црква, сега е и жива заедница, што е и примарна цел при градба на секоја црква.
Во својот говор епископот Стојанов употреби и слика за мозаик, сметајќи дека секој оној кој влегува во овој свет храм, веќе има дадено свој придонес, можеби е како едно мало камче во мозаикот, но токму со тоа мало нешто ја дава убавината на целата слика.
Епископот Стојанов спомна и дека веќе десет години од оваа парохија се уредува порталот Католици.мк, кој е глас на Црква, редовно пренесувајќи ги настаните и случувањата од Црквата во Македонија и светот, но и можноста говорите на Светиот Отец, посебно неделните обраќање за време на молитвата Ангел Господов и Генералните аудиенции да ги имаме на македонски јазик.
Обраќањето монс. Киро Стојанов го заврши со зборовите: Како и сите останати парохии во Епархијата и Скопска бискупија, така и оваа парохија ја носам во своето срце и молам Господ Бог да ја води и понатаму низ бурите на времето и преку молитвите и застапништвото на Пресвета Богородица мноштво луѓе да го најдат патот до преобраќање и спасение.
Свеченоста заврши со благослов од епископот Стојанов, разгледување на поставената фото изложба 10 години парохија „Раѓање на Свети Иван Крстител“ – Струмица и коктел подготвен од одборниците.
Водител на програмата беше Данче Ичева, а музичкиот дел беше подготвен од Томе Васиќ, Филип Костов и Лука Костов.
к.мк