Папата Фрањо се сретна со дипломатски кор акредитиран во Светиот Престол

Папата Фрањо се сретна со дипломатски кор акредитиран во Светиот Престол

Здравствените, економските и социјалните последици од пандемијата беа главните теми на политичкиот говор, кој папата Фрањо го одржа во понеделник 8 февруари 2021 година, пред дипломатскиот кор акредитиран во Светиот Престол.

Тој посебно ја истакна потребата за итно решавање на еколошката криза и причините за постојаните политички кризи во различни делови на светот, кои создаваат големи јазови, потребата од итни хуманитарни ангажирања и заострување на конфликтите. Светиот Отец изрази надеж дека 2021 година ќе биде година на мирот, посебно во Сирија, Јемен и Светата Земја, Јужен Судан и многу други африкански и азиски земји. Средството за решавање на сите поделби Папата го гледа во остварувањето на братството.

Темата на длабоките размислувања на Папата за злото во светот и кризата во човештвото беше пандемијата. Папата лекот го гледа во братството и надежта, кои треба да станат начин за лекување на планетата преплавена со вирус на рамнодушност и невнимание. Изминатата година остави голем страв и очај заедно со многу тага, предизвикувајќи кај луѓето спирала на одвоеност и меѓусебно сомневање, а државите ги принуди на подигање бариери. Се работи за криза со глобални последици, кои придонесуваат за влошување на другите тесно поврзани кризи, како што се климатската, прехранбената, економската и миграциската. При решавање на овие кризи не смее да владее логиката на профит – рече Папата, предупредувајќи дека токму за време на пандемијата земјата ја покажа својата кревкост и потреба од грижа.

Според неговите зборови, потребна е нова Коперникова револуција во економијата, бидејќи општеството го следи развојот со расеани очи. Поради економска несигурност, милиони луѓе се принудени да работат на црно, многумина се изложени на проституција, криминал и трговија со луѓе. Неопходните хуманитарните потреби се препуштени на волонтерите. Осврнувајќи се на миграциските движења, Папата предупреди на опасностите со кои луѓето особено се соочуваат во логорите и затворите следејќи различни рути. Пандемијата, исто така, создаде длабок јаз меѓу младите луѓе, кои се принудени на изолација, а на некои дури им е забранет и пристап до образовни платформи.

На крајот Папата се осврна на прогонствата заради верата, кои се случуваат во различни делови на светот и изрази надеж дека со солидарност и братството ќе се постигне мир во светот во текот на 2021 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот