Прославен празникот Педесетница во Скопската катедрала

На 15 мај 2016 година во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје на празникот Духови – Педесетница, свечената Евхаристиска прослава ја предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски ехзарх монс. д-р Киро Стојанов. Во текот на светата миса бискупот Стојанов ги додели Светите тајни крштение и потврда на кандидатите кои се подготвуваа за тој чин, а прими и нови членови во полно единство со Црквата.

Во концелебрација со бискупот Стојанов беше скопскиот парох дон Давор Топиќ, парохискиот викар дон Јошт Мезег, директорот на Каритас монс. Антун Циримотиќ и духовникот на надбискупската семинарија во Травник, дон Паво Шекерија.

Во пригодната проповед бискупот Стојанов рече: „Драги браќа и сестри славејќи го педесетиот ден од прославата на Велигден, ние го славиме роденденот на Црквата. Ако внимателно го слушавте првото читање од Делата на апостолите, тоа ни говори за настанот на слегувањето на Светиот Дух. Најголемиот Исусов дар за Велигден е Светиот Дух, чија сила го продолжува спасителното дело и уништувањето на гревот. Би сакал да го запомнете овој ден на Светата тајна миропомазание во оваа Јубилејна Година на Божјото Милосрдие, дека гревот е најголемо зло, но дека Бог со своето милосрдие ни дарува победа над гревот. Бидете свесни за тоа целиот свој живот. Папата Фрањо често повторува дека Бог никогаш не се изморува во простувањето, но спротивно на тоа ние луѓето често сме уморни за да бараме прошка.“

По проповедта следеше обредот за пристапување на кандидатите во полно заедништво со Црквата. Кандидатите пред бискупот и заедницата на верниците ја исповедаа својата вера молејќи го Верувањето. По исповедта на верата, бискупот им пристапи на новопримените членови, примајќи ги нивните раце како израз на добредојде во полното единство на Црквата.

Потоа следеше доделување на Светата тајна крштение за возрасните кандидати. Обредот започна со молитвата на бискупот, со пеење на литаниите, по што следеше благословот на водата, обредот на крштевање како и давањето на запалените свеќи од кумовите на крстените.

Потоа парохот  најави дека ќе следи Светата тајна миропомазание за кандидатите, при што поединечно ги претстави на заедницата. По молитвата и полагањето на рацете, бискупот им пристапи на кандидатите и им ја подели Светата тајна миропомазание.

За време на светата Миса пееше катедралниот хор под водство на сестра Татјана Атанасова.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот