Радово – За мир во Украина

На повикот на Апостолскиот егзар во Македонија д-р Киро Стојанов, 18 мај да биде ден кога:„Македонија моли за мир во Украина“, во единство на сите верници во Македонија се придружи парохијата „Свети Пророк Илија“ – Радово. Во организација на свештениците, чесните сестри, богословите и младите за време на светата Литургија и Мајската набожност имаше рецитал под наслов – Мир ви оставам, мирот Свој ви го давам – (Ив. 14,27), кој го изведоа младите придружувани од децата со испишаната порака – За мир во Украина – а во молитвена придружба на целата парохиска заедница. Во рециталот беше истакнато дека:„Со љубов на едни кон други можеме таа љубов да ја пренесеме во нашите молитви до Светиот Дух, за да може да слезе помеѓу оние кои ги започнаа немирите во Украина, да ги просветли за да може да се врати мирот Божји помеѓу нашите браќа и сестри во Украина…“

Во својот наговор парохот д-р Зоран И. Стојанов истакна дека: “Бог не го сака страдањето на луѓето, затоа денес се приклучуваме кон молитвата на сите верници во Македонија, Бог да ги обдари одговорните за да го слушнат гласот на совеста и направат сѐ да сопрат страдањата на невиното население. Војната и злото се ѓаволско дело. Ѓаволот не ја сака среќата на народот Божји, туку сака војна, која носи несреќа преку страдањето, убијствата, уништувањето на имотите… Затоа посакуваме пукањето да сопре, а во недела, 25 мај 2014 на мирни избори се одреди кој ќе ја води Украина кон подобро утре…“

К.мк

Категорија: Македонија

За авторот