Летен едукативен камп за деца од Гостивар

Летен едукативен камп за деца од Гостивар

Сестрите Мисионерки на љубовта – попознати како сестри на Мајка Тереза организираа Летен едукативен камп за деца од Гостивар.

Овогодишниот Летен едукативен камп започна на 03 јули 2017 во ОУ Гоце Делчев – Гостивар. Активностите во кампот започнуваа со молитва, а по молитвата следуваше утринска гимнастика со песни проследени со лесна разиграна кореографија која ја презентираа волонтерки од Косово. По појадокот дел од поголемите девојчиња беа на катехизација со сестра Табита МС, а катехезите завршуваа со глума. Оваа година на Летниот камп беа обработени следните темите: Лазар и богатиот, Добриот Самарјанин, Таткото и двата сина.

Истовремено друга сестра беше задолжена за разговор и катехези со мајките, во кои беа вклучени и работилници. Оваа година работилниците имаа еколошки карактер и се изработуваа цвеќиња од пластични кеси, од пластични шишиња за јогурт се изработуваа вазни, а беа користени и други материјали материјали за рециклирање. По завршување на работилницата следеше кратка драма предводена од децата преку која го доловуваа наученото. По завршувањето на драмата следуваше дискусија со децата, при што се споделуваа искуства и сведоштва од нивниот секојдневен живот.

Летниот камп заврши на 08 јули 2017 во Скопје со посета на Спомен куќата на Мајка Тереза и плоштадот, а дружењето продолжи во катедралата каде децата беа пречекани од парохот дон Давор Топиќ и монсињор Антун Циримотиќ, кој пак служеше света Литургија на албански јазик. Летниот едукативен камп заврши со посета на зоолошката градина и градскиот парк.

Д.Б.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот