Преображение Господово

И додека Исус се молеше, „лицето му светна како сонце“ (Мт 17,2) а „ и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина“. Неговата облека стана толку блескава како што ни едно белило на земјата не може да ја избели.

Денес славиме многу возвишен настан од Христовиот јавен живот, за кој нѐ известуваат сите три синоптички евангелисти Матеј, Марко и Лука, како и свeти Петар во своето второ послание. Тој со Иван и Јаков бил привилегиран очевидец на овој настан, кој што целиот свој живот не го заборавил, па затоа во наведеното послание пишува: „Навистина, ние ви ја навестивме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени параболи, туку затоа што бевме очевидци  на Неговото (божествено) величие. Тој, всушност, примил чест и слава од Бог Отецот кога од велелепната слава Му дојде глас: ‘Овој е мојот возљубен Син, во кого е моето благоволение’. И тој глас кој дојде од небото ние го слушнавме кога бевме со Него на Светата гора. А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што на Него му обрнувате внмание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца“ (2 Пт 1, 16-19).

Во другата половина од својот апостолски живот Исус една вечер со тројца избрани апостоли се искачи на Тавор, кој единствено како џиновски конус од плодната Израелска долина се издига кон небото. Беше ноќ, Господ како по обичај се молеше, а учениците од уморот задремале. И додека Исус се молел: лицето Негово светна како сонце (Мт 17, 2), а „ алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белилка на земјата не може да избели“ (Мк 9, 3)

Остатокот од настанот му го препуштаме на мајсторот на перото свети Лука, за да може што повеќе да не воодушеви. „И ете, два човека разговараа со Него; тие беа Мојсеј и Илија. Па, кога се јавија во слава, тие зборуваа за неговата смрт, со која требаше да заврши во Ерусалим. А Петра и оние, што беа со Него, беше ги совладал сон; но штом се разбудија, ја видоа славата Негова, и двајцата што стоеја со Него. И кога се одделуваа од Него, Петар не знаејќи што зборува Му рече на Исуса: ‘Учителе, добро е да останеме овде! Ќе направиме три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеј, еден да Илија.’ Додека тој сѐ уште го зборуваше тоа, одеднаш се појави облак и ги засени. Кога влегоа во облакот, учениците се исплашија, и се чу глас од облакот кој велеше: ‘Овој е мојот возљубен Син! Него слушајте го!’ Во истиот момент кога се чу гласот, Исус беше останал сам. Тие молчеа и никому ништо не кажаа во тие дни за она што беа виделе“ (Лк 9, 30-36).

Пиус Парш се прашува што сака да нѝ каже празникот Преобразение и ги наведува четирите пораки. Првата е дека со стравопочит полни со вера и обожавање треба да гледаме во Христа, вечниот и бесконечниот Крал. И денешниот празник е ден кој нѐ потсетува на „Христос Цар“. Тоа јасно се гледа во молитвеникот на Божјиот народ кога Црквата во антифонот пред Утринската молитва нѐ повикува: „Дојдете, да му се поклониме на Севишниот Цар на Славата!“

Другата е дека во Исусовото преобразување ја гледаме сликата и на нашето преобразување, „кога тој, Христос, од земјата го воскреснува и ова наше смртно тело, правејќи го слично на Своето славно тело“.

Третата порака е од морална природа, а се состои во тоа што во светлото на Исусовото преображение живееме, работиме и се жртвуваме целиот живот. Тоа конкретно значи дека постојано настојуваме да се продуховиме, да го негуваме внатрешниот духовен живот и да не дозволиме да се заробиме од материјалното, сентименталното и земското.

На крајот, четвртата порака е дека ние имаме Света Тајна на преобразението. Тоа е Евхаристијата. Во литургиската жртва ни се појавува и се наоѓа во нашата средина преобразениот, прославен Господ, а во светата Причест го примаме „семето на преобразението“.

Битно.нет/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот