Како Марија да дадеме да нè привлече Божјата љубов и така да привлечеме други

Марија прва од сите потомци на Авраам ја примила полнината на дарот на животот вечен, и може да се каже дека нејзиното славно вознесение на небото е доказ дека Господ си спомнал на својата добрината и ги исполнил своите ветувања кои се однесуваат на вечноста, а на кои Тој е верен од секогаш и засекогаш.

Знак на Божјата добрина

Бог во текот на историјата на спасението му давал на својот народ ветувања дека ќе го воведе во ветената земја во која тече мед и млеко, а која по неговите ветувања и го добила називот Ветена земја. А Авраам бил прв на кој Бог му ветил дека ќе му даде земја по која ќе оди, бидејќи бил подготвен да ја напушти сигурноста во својата земја и татковскиот дом и да отиде во земјата која Бог му ја објавува, да стекне вистинско исуство со Бог слушајќи го неговиот глас и цврсто држејќи се за Него. Исто така Господ му го ветил на Авраам синот Исак, па потоа Јаков додека од него не се создаде целиот народ кој се сметал за наследник на ветувањата на Авраам, бидејќи бил учесник во неговата вера. Затоа побожните Израелци исчекувале дека на потомството односно на избраниот народот ќе се остварат дадените ветувања. Во нив требало да бидат собрани сите очекувања и целата надеж од Авраам па до последниот припадник на народот кој требало да се роди. Дека очекувањата на Израилот биле такви ќе пренесе Марија во своето Велича во кое се вели дека Господ ќе си спомне на „сеќавајќи се на милоста, како што им зборуваше на татковците наши, на Авраам и на семето негово довека“. Кога Марија вели „сеќавајќи се на милоста“ исто како да вели ги исполни своите ветувања. Исто така гледаме дека не се работи за временско, привремено или краткорочно исполнување на ветувањата, туку за она конечното. Очигледно е дека со изразот „довека“ Марија кажува дека таквите ветувања треба да бидат најпосле исполнети во потполност. Божјите дарови се неотповикливи по што нема со што повеќе да се дополнуваат. Ветувањето за кое станува збор требало да биде настан со карактеристика на конечното по кое единствено сè уште преостанува она вечна полнина.

Потомството на Авраам

А што се однесува на ветувањата дека Бог ќе си спомне на потомоството Израелово, се работи пред сè за сиот Божји народ кој бил наследство од Авраам. Нему Бог му ветил земја во наследство што Израелците на прв поглед ја доживеале во географска, а не во духовна смисла. Кога потоа таа иста земја ја загубиле биле распрснати и станале слуги на силни господари, потоа го исчекувале Месијата Спасител за да им го врати назад наследството, победувајќи ги сите останати народи. Од тој момент ветувањата претпоставувале дека доаѓање на Месијата исто така треба да биде од истиот народ; потомок на Авраам, член на избраниот народ. Уште повеќе, ветувањата ќе добијат појасни контури, бидејќи светите пророчки списи поблиску ќе го опишат како Син Давидов, Месијата цар од славната Давидова лоза.

Бог одлучил довека да си спомнува на својата добрина на Авраам односно одлучил довека да му искажува милосрдие и да остане верен на ветувањата давајќи Му Месија преку Кој ќе се исполни и ветувањето за спасение. Бог бил верен на својот народ – на потомството на Авраам на начин што сакал да го спаси водејќи го во вечниот живот, што било дело на добрина кон татковците на кои им ветил дека во својата добрина нема да ги заборави. Марија знаела дека дошол тој момент на Божјата добрина кога го примила Синот Божји па затоа запеала на Бог Кој ги исполнува своите ветувања. Но, Синот Божји е и нејзин Син и сам потомок на Авраам, дошол заради добрината кон праотецот и неговото потомство. Дошол оној ветениот потомок на Авраам во кој сите народи примиле благослов. А тој благослов бил во тоа Авраам и неговото потомство да го обдари со живот вечен.

Така дури со Господ Исус станува јасно до крај што содржински подразбираат Божјите ветувања односно за каква Ветена земја станува збор. Он објавува дека се работи за наследство на живот вечен кој го навестувале старозаветните праведници. Затоа Исус со право ќе каже за Авраам дека го видел неговиот ден: „Авраам, таткото ваш, би се зарадувал да го види Мојот ден; и го виде и се зарадува.“ (Ив 8, 56). Ако Авраам воскликнал што ќе го види Христовиот ден, денот на победата над смртта и отварање на вратата на животот вечен , колку повеќе Марииното Велича е исказ на истата вера и уште појасно „гледање“ на тој ден? И таа го видела како непосреден тој ист ден кој отсекогаш го насетувала и се зарадувала со силна радост и запеала свесна дека Бог преку неа си спомна на Авраам и на ветувањета дадени. Затоа таа наместо Авраам и за Авраам запеала од радост и воскликнала кога тој Ден дошол. Точно, знаела дека Бог никогаш ниту ги заборавил, па колку народот долго да чекал, па дури во своите мисли лутале мислејќи дека ги отфрлил и своите ветувања ги заборавил. Марија била свесна дека дошол ветениот момент на остварување преку Месијата на Кој таа му подарила човечки живот, па би можело да се каже дека си спомнал на тие ветувања на кои на крајот бил секогаш верен, но требало да ги подготви условите во својот народ за да ги оствари. А сè било подготвено тогаш кога за себе ја избрал и со целосна милост го врежал срцето на назаретската Девица дека преку неа ќе ги исполни ветувањата давајќи на земјата Спасител на Кој Таа ќе му биде Мајка.

Крило Мариино

Но, ако првото ветување Божјо се остварило преку Марија, второто се остварило на Марија на небото вознесена. Па, не само што Марија знаела дека Бог ги држи своите ветувања со тоа што и доверил да биде родителка на Неговиот Син на земјата, туку тоа го знаела кога со вознесението  на небото целосно влегла во неговата вечност и се потопила во божествениот живот, со што и самата со својот Син стана најочигледен знак дека Бог ги исполнува своите ветувања. Како таква станува знак на надеж и утеха и на сите нас. Бидејќи Бог не ги исполнил ветувањата само кон својот Син Кој го испрати на светот и Кој го воскресна од мртвите, туку почна да ги исполнува и кон остатокот од потомството на Авраам во кое преку верата се вбројуваме и ние. Навистина, на сите вети дека ќе нè обдари со живот вечен и бесмртност, што Авраам добро насетил. Така на Авраам не му ветил само потомство-потомци, туку преку тој потомок на него и на сите други деца им ја загарантира полнината на животот кон кој во верата одел. Затоа на Авраам му било кажано дека ќе го излие својот благослов на сите народи, а тој дека ќе стане татко на народите. Така преку Марија ќерката од потомството на Авраам Бог себе си подигна Потомок започнувајќи во Него да ги исполнува своите вечни ветувања и довека да биде милостив на синовите човечки собирајќи ги во еден народ на кој му е отворена вратата за животот вечен.

Марија прва од сите потомци на Авраам ја примила полнината на дарот на животот вечен и може да се каже дека и нејзиното славно вознесение на небото е доказ дека Господ си спомна на својата добрина и ги исполни своите ветувања кои се однесуваат на вечноста, а на кој Тој е верен отсекогаш и засекогаш. Но, тој настан внесе некои промени во нашето човечко изразување во однос на спасението на праведните. До доаѓањето на Господ за оние кои се сметале за свети и праведни се говори дека биле во „крилото Аврамово“ каде што го исчекувале конечниот месијански зафат и влегувањето во царството Божјо, но откако Господ ја отвори вратата на рајот и овозможи спасение, а откако Марија прва целосно е спасена и со душа и со тело, повеќе не се зборува дека светците и праведниците одат во крилото Аврамово, туку во крилото Мариино. Бидејќи заслужила во крилото да го прими Синот Божји, заслужила двојна чест: Таа да биде вознесена во крилото Божјо за во своето крило да ги повикува и привлекува децата Божји.

Бидејќи Марија сега со душата и телото е во небото може да се каже дека нејзиното крило е прифатилиште за светите, како што некогаш се зборувало за крилото на Авраам. Бидејќи таа сега ја доживеала совршената слава и со душата и телото можеме да кажеме дека Авраам сега е во нејзиното крило и дека ужива слава во лицето Божјо и дека го исчекува конечното откупување на своето тело. Бидејќи бил праведник и бидејќи одел во верата, сега доживеал среќа да биде во крилото на својата ќерка која со совршеноството на верата и со чистотата на животот го поминала и му претходи до конечното остварување. Така се случил голем пресврт во спасението кон кое Авраам како праведник тежнеел, а Марија му била оној пресуден фактор. И денот на пославата на Марија во небо е ден Христов кој Авраам го видел во духот и поради кој се зарадувал.

Тие кои живееле праведно исчекувајќи во крилото Авраамово остварување на Божјите ветувања, сега се преселиле во крилото Мариино кога тие исти ветувања се оствариле. Сега и самиот Авраам се преселил во нејзиното крило каде што ја прими наградата на вечниот живот и го исчекува конечното спасение и на своето тело. Марија била првата ќерка Авраамова на која се исполнила ветувањето за целосно спасение. Таа прва му претходела на својот праотец и тој можел да се радува гледајќи го и нејзиниот ден, денот на нејзината прослава во небото, бидејќи тој бил ден и на неговата прослава, денот кога неговото помотство започнало да се прославува. И за сите нас кои се ставаме во нејзините скутови  на земјата може да се каже дека одиме кон тоа таа да нè привлече  во своето крило во животот вечен. Бидејќи таа прва се дала во потполност да биде привлечена од Божјата љубов па така сега може и нас да нè привлече.

Др. Дон Иван Бодрожиќ/Битно.нет/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Размислување, Свет

За авторот