Остави сѐ и тргни по Исус!

Сите напори беа залудни. Залудно вложи толку сила и време. Но немаше никаков резултат! Зарем ова чувство, ова доживување не ни е познато од нашиот секојдневен живот?

Евангелието по Лука 5,1-11 ни зборува како многу луѓе се притискаа кон Исус, во моментот кога тој беше покрај Генисаретското езеро. Целата оваа ситуација открива дека нешто сакаа од него. А таму на брегот два кораби, мажи ги перат своите мрежи. Уморни, и најверојатно разочарани, бидејќи цела ноќ рибареа, а ништо не уловија. Тие токму на своја кожа добро ја доживуваат и чувствуваат ситуацијата „залудно се трудев – залудно се мачев“. А Исус влегува во еден од корабите, односно во коработ кој му припаѓа на Петар. Исус го замолува да се оддалечи малку од брегот. А потоа Исус му се обраќа на Петар: „Заплови во подлабокото и фрлете ги мрежите свои за лов!“

Токму на овие зборови се гледа разочарувањето кај Петар, фрустрираност, залудно поминати часови на езерото, непроспиена ноќ, залуден труд… Тој е уморен, му се спие и не може повеќе ништо. Затоа и ќе каже: „Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме.“ Но Петар, искусен рибар, кој знае како и кога се лови, стоејќи пред пред Исус, мора во него да гледа нешто повеќе од само обичен човек или пророк. Нешто мора да се случува во неговата внатрешност за да може да каже „Но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата“988_1

Исус и Петар, средба преку која се надминати разочарувањата. Средба која дава сила и храброст одново да се започне. Средба која доведува до ново искуство, од разочарување до исполнетост, од потиштеност до храброст, од залудност до корисност…. И само поради тоа што Петар беше понизен и дозволи Исус да влезе во неговиот кораб, во неговата егзистенција, само заради тоа што го послуша Неговото Слово.

Петар се осмели да поверува на неговото Слово. Разбирливо на почетокот не беше многу сигурен – но едноставно се препушти на неговото Слово. И гледаме уловот беше богат, коработ полн, преполн.

И ова Слово денеска ни говори многу и за нас. Ова Слово нѐ повикува секој од нас да си одговори: Му дозволувам ли на Исус да влезе во мојот кораб, во мојата егзистенција, во мојот живот…. Или упорно се отргнувам, барајќи други оправдувања, други модели на живот, иако при тоа гледам дека не сум исполнет, сум разочаран, уморен, потиштен…. Или пак ќе барам некое друго оправдување: Ќе те пуштам Исусе но утре, друг ден, само денес не. Уморен сум, имам работа ги перам своите мрежи, а потоа сум слободен, ќе си одам дома да одморам малку, а утре пак морам да работам.

Кога Исус му вели на Петар да ги фрли мрежите подлабоко, всушност е повик подлабоко да се навлезе во смислата на животот, нашата егзистенција, подлабоко да навлеземе во тајната на нашата вера, на нашето спасение. Дали можеби сопствената вера ја сфаќаме и живееме само површно? Зарем не треба да ја фрлам мрежата подлабоко, онаа мрежа која ме заплеткува и не дозволува да влезам подлабоко во заедништвото со нашиот Спасител.

Но ова новото предизвикува страв во однос кон Исус и кон ближните, пријателите… Кај Петар овој страв толку многу не се манифестира во односот со неговите колеги. Во тој поглед Петар е храбар и не се осврнува на своите колеги рибари, дали ќе му се исмејат што се впушта на риболов на сред бел ден. За него во тој момент е важен оној кој стои пред него, Исус. Какви сме ние во таков момент, какви сме кога помислуваме подлабоко да се впуштиме во тајната на нашата вера, кога посакуваме посериозно да го живееме нашето крштение, нашата вера. Можеби размислуваме кој и што ќе каже за нас. Исус бара од нас храброст за нов почеток.

Но стравот кај Петар започнува да доминира во неговиот однос кон Господ Исус: затоа ќе каже: „Оди си од мене Господи, оти сум грешен човек!“. Ова ќе го изговори Петар за време на средбата со Господ. А таа средба траеше само неколку часа, во која Петар ги пушти не само мрежите подлабоко, туку и размислувањата за својот живот, низ мисли го помина целиот свој живот, секој свој грев и забележа дека е недостоен да стои пред Господ, дека не е достоен да биде во заедништво со Него. „Оди си од мене Господи, оти сум грешен човек“ ќе каже Петар не затоа што не го љуби Господ, напротив, туку затоа што се откри самиот себе каков е во неговата внатрешност: слаб, никаков, лицемер, откри дека е никој и ништо во однос на оној кој стои пред Него. Ова всушност е своевидна исповед на првоапостолот.

Но од Евангелието гледаме дека Исус не се откажува од него поради тоа што е грешен човек, туку напротив Христос го љуби секој грешник, па затоа продолжува да го „гони“ со својата љубов, за да го доведе до вистинско преобраќање, па и ќе му каже на Петар: Не бој се! Овие зборови на охрабрување го поттикнуваат Петар да остави сѐ и да тргне по Исус.

Исус нѐ повикува да поминеме извесно време размислувајќи за нашиот живот, да навлеземе подлабоко во смислата на нашата егзистенција, за да дојдеме до она преобраќање кое го доживеа Петар и да можеме како Него и Зеведеевите синови Јаков и Иван, да оставиме сѐ и да појдеме по Него. Да го оставиме стариот живот: швалерката/швалерот(затоа што во срцето владее незадоволство, неисполнетост и чувство на несреќник), алчноста за пари и богатство (Петар имаше богат улов, со кој ќе можеше да живее комотно извесно време, но сепак го остави сето тоа), кариеризам (заради кој газиме врз секое човечко достоинство), да ја оставиме нашата дволичност (едно лице за Господ, друго за ближниот), лицемерната лажна борба за права и лажната желба за слобода, кои всушност заробуваат во грев…..

Се исплатува: Остави сѐ и тргни по Исус!

Пишува: го*ко

Категорија: Размислување

За авторот