Слово на животот – април 2014

“Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Jас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.”(Ив 13,34 )

Сигурно сакаш да знаеш кога Исус ги изговорил овие зборови. Тој ги изговорил пред почетокот на своето страдање, во прошталниот говор во кој е содржан неговиот тестамент чиј дел се и овие зборови.  Замисли тогаш колку тие се важни.Ако она што таткото го кажува пред смртта никогаш не се заборава, тогаш што ли е со зборовите на Бог? Затоа сфати ги многу сериозно, а заедно да настојуваме  добро да ги разбереме.

„Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Jас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.”

Исус е пред смрт и во овие зборови се чувствува тој скорашен настан. Тој треба да реши и еден проблем кој ќе се појави со неговото заминување: што ќе стори за да остане меѓу своите и на тој начин и натаму да ја води Црквата?

Ти знаеш дека Исус е присутен, како на пример во светотаинските обреди: во Евхаристијата за време на Литургијата. Бидејќи Тој рече: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив.”(Мт 18, 20)  Во заедницата која ја живее взаемната љубов Тој може да остане делотворно присутен.

Преку заедницата може и понатаму да му се објавува и да има влијание на светот.

Зарем тоа не е прекрасно? Не чувствуваш ли желба уште веднаш, заедно со христијаните, твоите ближни, да почнеш да ја живееш таа љубов?  Апостол Иван, кој ги донесува овие зборови, во взаемната љубов ја гледа заповедта во највисока смисла за Црквата, чиј повик е токму заедништвото, да се биде едно.

„Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Jас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.”

Веднаш потоа Исус вели: ”По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Ив 13,35)

Ако сакаш да го бараш вистинскиот знак на автентичност на Христовите следбеници, ако сакаш да ја запознаеш нивната посебност, мора да ја пронајдеш во живеената взаемна љубов.

Христијаните се препознаваат според овој знак. Ако тој недостасува, светот веќе нема да го открива Исус во Црквата.

„Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Jас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.”

Взаемната љубов го создава единството. А што го прави единството? “За да бидат сите едно – вели Исус – и да поверува светот“ (Ив 17,21).

Откривајќи го Христовото присуство, единството го привлекува светот кон себе. Светот верува во Него кога единството и взаемната љубов ги има пред себе.

„Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Jас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.”

Во тој ист проштален говор Исус оваа заповед ја нарекува своја. Негова е и затоа што му е посебно драга. Не смееш да ја сфатиш само како некој пропис, правило или заповед. Со неа Исус сака да ти објави начин на живеење, сака да ти каже како да го поставиш сопствениот живот.

Првите христијани оваа заповед ја поставиле за темел на својот живот. Петар говорел: „А пред сè, имајте постојано љубов меѓу себе“ (1Петар 4,8)

Пред работа, пред учење, пред одење на Литургија, пред секоја активност, провери дали владее взаемна љубов помеѓу тебе и оние кои живеат со тебе. Ако е така, врз таа основа сè има своја вредност. На Бог, без тој темел, ништо не му е мило.

„Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Jас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.”

Освен тоа Исус ти вели дека е ова нова заповед:„ Нова заповед ви давам“. Што значи тоа? Можеби оваа заповед не била позната? Не. „Нова“ значи созадена за нови времиња.  За што станува збор?

Исус умре за нас. Затоа што неизмерно нѐ љубеше. Но каква беше неговата љубов?

Сигурно не како нашата. Неговата љубов била и е божествена. Тој вели: „Како што ме возљуби Отецот, и јас ве возљубив вас. Останете во Мојата љубов!“(Ив 15,9). Нè љубеше нас со истата онаа љубов со која Тој и Отецот се љубат.

Со истата таа љубов ние мораме взаемно да се љубиме за да ја оствариме новата заповед. Ти како маж или жена немаш таква љубов. Но биди среќен, бидејќи ја примаш како христијанин. А кој ти ја дава? Светиот Дух ја влева во твоето срце, во срцата на сите верници.

Затоа, постои сродност помеѓу Отецот, Синот и нас христијаните, а тоа е едната божествена љубов што ја примаме. Таа љубов нас нè воведува во таинството на Пресветата Троица. Таа љубов од нас прави деца Божји.

По таа љубов небото и земјата се поврзани со голема струја. По таа љубов христијанската заедница е издигната во Божја сфера, а божествената стварност живее на земјата каде што христијаните се љубат. Зарем сето ова не изгледа божествено убаво?

А христијанскиот живот е посебно привлечен?

Кјара Лубик


 Објавено во Слово на животот, мај 1980

За авторот