Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица

Црквата учи дека едно создание останало совршено на своето место среде општиот неред. Тој неред го предизвикал гревот на нашите прародители кој преминал на сите луѓе и се вика источен или прародителски грев. Тоа создание останало не допрено, бидејќи не го поколеба источниот грев како другите смртници на кои им е потребно да бидат поставени во состојбата пред источниот грев, односно во состојба на Божјата благодат. Тоа создание останало недопрено од сеопштата зараза и не му било потребно лекување. Останало на вистинскиот пат и затоа немало потреба од поправување. Тоа во изворот на своето битие не познавало никаков неред. Тоа создание е Блажена Девица Марија. Таа, единствена меѓу сите нас останала недопрена, во тело, но сосема чиста, во време, но сепак во вечна вистина.

Вториот ватикански собор учи за Безгрешното зачнување на Марија:

„Не е чудо што кај светите отци (свети Герман, свети Анастасиј Антиохиски, свети Андреј Критски, свети Софрониј) станало обичај по кој Богородица ја нарекувале целата света и слободна од секаква грешна дамка обликувана од Светиот Дух и направена ново создание. Украсена веќе од првиот час на своето зачнување со сјајот на сосема посебна светост, назаретската Девица по Божја заповед била поздравена од ангелот со “Радувај се благодатна…“

Догмата за Безгрешното зачнување ја прогласи папата Пиј IX. на 08 декември 1854 година. 100 години покасно големиот маријански папа Пиј XII издава енциклика Fulgen corona и 1954 година ја прогласува за Маријанска година. Со љубов кон безгрешната девица Папата сакал да собере духовна енергија со која ќе се спротивстави на злото на модерното време: војната, класната омраза, материјалзмот, изопаченоста на животот. Маријанскиот идеал треба да нѐ потсети дека е неможно пред очите на заедничката мајка меѓу себе да се мразиме, а уште помалку да се убиваме, бидејќи таа е мајка на љубовта. Папата Пиј XII за време на својот тежок понтификат во воено и поствоено време целата своја надеж ја ставил во Блажена Девица Марија. И не било напразно. Неговиот понтификат е навистина едно сјајно време во црковната историја кога верата и единството во Црквата биле толку цврсти како никогаш пред тоа и после тоа. Четири години после прогласувањето на догмата за безгрешното зачнување започнува благодатната офанзива на света Богородица со јавањата во Лурд, кои уште и денес траат не само во Лурд туку и во Фатима и во Сиракуза. Да кажеме нешто и за тие благодатни офанзиви на света Богородица.

Кога во петок на 19. февруари 1858. година Бернадета Субиру повторно коленичела во масабелската пештера, и по четврти пат се јавува преубавата „Госпоѓа“, девојчето цело восхитено ја набљудувало надземната убавина. Очите ѝ жареле од неопишивата среќа, лицето ѝ горело, а усните нешто ѝ шепотеле. Била како невин ангел кој се фрлил на колена пред напола отворената рајска врата.

Оддеднаш слушна зад себе диво рикање како да се кара и препира разјарено мноштво. Од непознатата врева доаѓал гласот: „Спаси се, спаси се“! Преубавата „Госпоѓа“ со поглед погледнува кон реката Гава, од каде од подземната длобочина доаѓала вревата. И за миг стигнале гласовите, како да се разбегало мноштвото. Се мисли дека таа врева доаѓала од пеколната бездна. Ја подигнал ѓаволот наслутувајќи колку многу души ќе му одземе безгрешната Девица со јавувањето во Лурд по кое следи и јавувањето во Фатима и солзите во Сиракуза.

Друго големо упориште на безгрешната Девица е Фатима. И таму одат на поклонение милиони луѓе. И таму света Богородица враќа срца назад кон Бога. Од Фатима безгрешната Девица како поклоничка оди по целиот свет да освојува што повеќе срца. Поминала низ бројни земји дочекувана на секаде со неискажана слава и тоа не само од католичките, туку и од протестантските, муслиманските, будистичките и анимистичките деца. Сите чувствувале блага офанзива на љубов.

Трето големо упориште на безгрешната девица на нашиот глобус е Сиракуза, откако света Богородица 1953 година заплачела во куќата на работникот Ангел Гуист. Случувањето е снимено, солзите се хемиски испитани. Започнале да одат на поклонение до 30 илјади луѓе. Се отворила апокалиптична слика и секаков вид болни. Се случувале секој ден чуда. До 15 март 1954 пријавени се 653 оздравувања. Комисија од психијатри, ортопеди, ренгенолози и други специјалисти сметаат дека над 500 оздравувања се надприродни. Сиракуза духовно се препородила. Многу пијаници, пцујачи, и прељубници воскреснале во нов живот. Оддалечени од таинствата и добродетелите се преближиле до срцето Исусово и света Богородица во толкава мера што може да се зборува за вистинско и чудесно преобраќање.

Превод: сестри Евхаристинки – Гевгелија

Категорија: духовнитекстови

За авторот