Само едно е потребно: да стигнеме на целта која Бог ни ја подготви

Меѓу сите цели на нашиот живот само еден ни е навистина потребен: да стигнеме на целта која Бог ни ја подготви, да го достигнеме небото, секој исполнувајќи го својот повик. Но, за да ја постигнеме таквата цел, треба да бидеме подготвени да го изгубиме сето останато и да го отстраниме сето она што не спречува на тој пат. Сè треба да служи како средство да се дојде до Господ; и ако нешто наместо средство е препрека, тогаш тоа мораме да го поправиме или да го напуштиме. Господовите зборови се јасни: „Ако те соблазнува десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да погине еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот. И десната рака, ако те соблазнува, исечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот“.

Со термините „десно око“ и „десна рака“ Господ сака да го означи она што понекогаш може да ни се претставува како многу вредно и корисно. И покрај тоа светоста и спасението, нашето и на ближниот, се поважни од сè друго.

»’Ако те соблазнува десното око, извади го и фрли го од себе’. Јадно срце, ако токму тоа те соблазнува! Фати го, стисни го меѓу дланките, не жали го. Кога ќе бара утеха, кажи му тивко и со милост, како да се извинуваш: ’Срце, срце, мораш на крст; мораш на крст!’«

Она што мораме да го напуштиме или да го отргнеме од својот живот може да биде од различна природа. Понекогаш ќе стане збор за работи кои се сами по себе добри, меѓутоа кои поради себичноста или затоа што им недостасува исправна намера, стануваат неуредни. Често нема да стане збор за важни работи, туку за ситни каприци, вообичаени неумерености, недостатоци на карактер, претерана грижа за материјалните работи. Сето тоа мора да се одреже и да се извади, бидејќи скоро секогаш поедините работи кои се чинат малечки ја туркаат душата во просечност. „Внимавај – говори свети Августин – морската вода продира и тече низ пукнатината од трупот на бродот и малку по малку го поплавува неговото дно, па ако не се исфрли, ќе го потоне бродот… Имитирајте ги морнарите: нивните раце не запираат додека сосема не го исушат дното од бродот. Нека вашите раце не престанат да прават добро! Меѓутоа, и покрај сè, дното на бродот уште еднаш ќе се наполни со морето, бидејќи пукнатините на човечките слабости остануваат, и повторно ќе треба да се исфрлува водата“. Овие препреки и склоности кои не се искоренуваат одеднаш, туку бараат наша подготвеност за борба, многу ни помагаат да постанеме повеќе понизни.

Љубовта кон честата исповед и дневниот испит на совеста ни помагаат да ја држиме душата чиста и способна да го набљудува Исус во витлеемската пештера, и покрај нашите секојдневни слабости.

Оваа медитација е краток извадок од дневните медитации кои целосно се наоѓаат во книгата од Франциска Карвајала: Разговор со Господ.

Битно.нет/ С.С.

За авторот