Прва генерација специјализирани христијански аниматори во Македонија
Во периодот од 1 јули до 7 јули 2016 година во Дежевице, Босна и Херцеговина се одржи осмата специјализација на млади аниматори „Млади за млади“ во организација на Надбискупскиот центар за пасторал на млади Иван Павле II, Сараево.
На оваа специјализација зедоа учество тројца млади од Скопската бискупија и Апостолскиот Егзархат во Македонија: Виолета Брзова Ханџиска, Спасе Стојанов и Стефанија Ристоманова кои се вратија исполнети и збогатени со нови искуства.
Оваа специјализација, како дел од школата за аниматори во учебната 2015/16 година опфаќаше повеќе работилници, како што се: молитвена, мисиска, неколку креативни работилници, работилници за работа со деца, млади, како и забавни работилници за учење преку игра. Сите овие работилници помогнаа за духовен раст на младите и ги поттикнаа за реализирање слични работилници во своите парохии.
Преку целата академска година, се одржаа четири викенд формации кои беа подготовка за оваа специјализација. Темата на првата формација беше што е аниматор, кој може да биде аниматор и христијански профил на еден аниматор. На втората формација, беше презентирана тимската работа и нејзината примена во аниматорството. Темата на третата формација беа игрите како составен дел од една работилница за деца и млади. На четвртата формација беше дефиниран духовниот профил на еден аниматор. На овие формации, покрај специјализираните аниматори, Виолета, Спасе и Стефанија, учествуваа и други млади од Скопската бискупија и Апостолскиот Егзархат во Македонија: Марија Туниќ, Филип Глигоров, Божанка Ристова и Андрија Матошевиќ.
к.мк/Стефанија Р.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк